Македонија
Репортажа на АФП за Македонија: Масовно иселување на младите во потрага по подобар живот
Напуштените продавници и претежно празни улици даваат малку знаци на живот во Валандово во Северна Македонија, каде младите луѓе бегаат во голем број надевајќи се дека ќе најдат подобар живот во странство, вака ја започнува репортажата за нашата земја француската агенција АФП.
Во текстот се наведува дека како и поголемиот дел од овој осиромашен агол на југоисточна Европа, оваа мала балканска нација седи на демографска темпирана бомба поттикната од стареењето на населението, намалената стапка на наталитет и масовната миграција. Околу 600.000 македонски граѓани сега живеат во странство, покажуваат податоците на Светска банка и Владата. Слабиот економски раст и недостигот на инвестиции ја зафатија земјата, која сега е дом на само 1,8 милиони луѓе, во нејзините 30 години независност.
„ Ако имате нешто повеќе од 2,4 милиони граѓани, а повеќе од една четвртина си заминале, тогаш треба сериозно да се загрижите за тоа што се случува“, вели Апостол Симовски, директор на Заводот за статистика во државата.
АФП додава дека селата и малите градови како Валандово, нудат малку работни места, па ги турка амбициозните и способните да бараат работа на друго место.
„Духот на младите е систематски уништен. Ентузијазмот за борба и останување дома е изгубен“, изјави за АФП Перо Костадинов, новоизбраниот 33-годишен градоначалник.
Само во Валандово, речиси 90 отсто од приходите на луѓето се поврзани со земјоделството, се вели во текстот на француската агенција.
Добро познатата анегдота во оваа земја нуди остра слика за тоа каде се движи нејзината иднина, посочува авторот на текстот.
„ Подобро да робувам во странство“.
Од независноста и распадот на Југославија во 1991 година, многумина се надеваа дека интеграцијата во Европската унија ќе обезбеди спасувачки сплав и ветувања за посветла иднина.
Но, патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ постојано беше блокиран, прво од Грција, а подоцна и од Бугарија, што доведе до нови сомнежи дека земјата некогаш ќе се приклучи и турка многумина да скокаат од бродот.
За оние кои остануваат, месечните плати во просек се 470 евра (530 долари).
Текстот завршува со констатацијата дека ваквата слика важи за целиот Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.
Македонија
Јаневска: Јавната дебата за Законот за високо образование не е завршена
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.
Одговарајќи на новинарско прашање на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска рече дека сѐ уште не е завршена јавната дебата и најави дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.
– Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме на ЕНЕР, добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално, на било кој пат, да ги достават своите интегрирани забелешки, бидејќи делот не се повторува. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови, и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме, рече Јаневска.
Вели Македонија веќе нема време за просечни и потпросечни резултати.
– Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образование и наука. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок, рече Јаневска.
На традиционалната прослава, претходно, Јаневска им го честиташе празникот на граѓаните, особено на земјоделците, лозарите и овоштарите, и изрази поддршка за Факултетот за земјоделски науки и храна.
– Ние, како Влада, ќе ги поддржуваме ваквите проекти и ваквата активност, бидејќи цениме дека немаме веќе време за просечни и потпросечни резултати, рече Јаневска.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.

