Македонија
Референдум за „Иловица“, уставните измени во Собрание за две недели – одлуки на Централниот одбор на СДСМ
Денеска се одржа седница на Централниот одбор на СДСМ, онлајн, преку дигитална платформа. Членовите на Централниот одбор дискутираа за повеќе актуелни теми и се донесоа повеќе одлуки и заклучоци.
„Беше оценето дека скрининг процесот во рамки на преговорите со ЕУ се одвива добро и наскоро ќе финишира успешно. Владата предводена од СДСМ, заедно со коалициските партии останува посветена на реформите потребни за продолжување на европскиот пат на земјата и остварување на стратешката цел, членство во ЕУ. Европската интеграција на земјата треба да биде обврска на секоја политичка партија. Затоа сите релевантни парламентарни партии и сите пратеници коишто иднината на земјата ја гледаат како полноправна земја членка на ЕУ треба да ги поддржат уставните измени. Во наредните 2 недели, амандманите на Уставот ќе бидат разгледани од страна на Владата и јавно објавени. Потоа што ќе бидат доставени до Собранието по што ќе следи и процес на дискусија согласно собраниската процедура“, велат од СДСМ.
Тие додаваат: „По спроведените економски мерки како одговор на глобалната економска и енергетска криза, македонската економија продолжува да расте во позитива, економската активност се зголемува, инфлацијата бележи константно намалување со месеци и веќе е сведена на едноцифрени 9%. Ова се охрабрувачки податоци и потврда за успешност на економските политики на Владата предводена од СДСМ и Димитар Ковачевски. До крајот на годината очекуваме овој тренд да продолжи, економијата да продолжи да расте, да остане трендот на зголемување на инвестициите, новите работни места и платите. СДСМ го реафирмираше ставот на партијата даден пред граѓаните на Босилово, Василево и Ново Село, во однос на постапката за отворање на рудник во Иловица, започната од Владата на Никола Груевски и ДПМНЕ, во време кога Мицкоски беше негов советник. Без консултација и одобрение од граѓаните, од локалното население, без запазување на целата постапка и без исполнување на сите стандарди за животна средина согласно постојното законодавство, усогласено со европското, нема да се даде дозвола за отворање на рудник“.
Оттука, ставот на СДСМ е дека само граѓаните на југо-источниот плански регион, во општините Струмица, Босилово, Василево и Ново Село, можат да одлучат и треба на референдум да се произнесат за ова важно прашање.
„Заштитата на животната средна, здравјето на луѓето и развојот на земјоделието се приоритети на СДСМ. По предлог на генералниот секретар Миле Зечевиќ Вардарски, за нов Организациски секретар на партијата членовите на ЦО едногласно го избра Митко Трајчулески. Трајчулески е Магистер по меѓународна политика и дипломатија, има 43 години, член е на СДСМ од 1996 година и има долгогодишно работно, професионално и партиско искуство. Претседател е на партиската Комисија за транспорт и врски на СДСМ. Моментално ја извршува функцијата Државен секретар во Министерството за транспорт и врски, бил поранешен Шеф на Кабинет во министерството, за време на професионална кариера работел во Секретаријатот за Европски прашања во Сектор за подготовка на националната верзија на правото на ЕУ. Централниот одбор и раководството на партијата му се заблагодари на досегашниот организациски секретар, Вангел Андрески, за досегашниот ангажман и даден придонес. Изборот на нов Организациски секретар на СДСМ доаѓа откако Андрески поднесе оставка на оваа позиција поради нов професионален ангажман во ново основаното општинското претпријатие, ДОЕЕЛ Енергија Центар“, додаваат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

