Македонија
Ковачевски до младите: Спротивставете се на регресивните идеологии, промовирајте европско и просперитетно општество
„СДММ како подмладок на СДСМ е вклучена во сите државнички процеси, тоа е несомнено. Но периодот пред нас е исклучително важен токму заради иднината на младите и повикува на одговорност од сите. Бидете активни чинители, активни учесници за иднината на оваа земја, на нашата иднина. Бидете глас на напредокот, прогресот и позитивните промени“.
Со овие зборови претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски денеска во Охрид им се обрати на младите во дискусија во рамки на Летниот камп на Социјалдемократската младина на Македонија повикувајќи ги да се спротивстават на регресивните идеологии и да промовираат европско и просперитетно општество.
-Во овие времиња на злоупотреба на политиката како алатка за ширење невистини и обиди да се врати земјата назад, од страна на десницата, клучно е да застанете и да бидете глас на напредокот, прогресот и позитивните промени. Подемот на десничарските идеологии може да има далекусежни последици, кои веќе сме ги виделе. Поделби, нетолеранција, изолација и назадување, целосно поништување на напредокот постигнат досега. На вас, младите на СДСМ, останува да им се спротивставите на овие сили и да ги браните вредностите кои промовираат инклузивност, обединување, прогрес, еднаквост и социјална правда. Предизвикувајте ги регресивните идеологии. Промовирате ја нашата визија за просперитетно и хармонично општество. Бидете глас на напредокот., рече Ковачевски.
Потребно е активно учество, подигнување на гласот и заедничка работа. Промовирајте ја различноста, прифаќањето на толеранцијата и идеалите за слобода и демократијата.
-Со својот младински ангажман, да ја промовираме колективната свест, да ги мобилизираме сите наши потенцијали кои ги поддржуваат социјалдемократските принципи и вредности за значењето на европската интеграција за младите. Заедно да го оствариме генерацискиот сон, да застанеме таму каде што ни е местото и каде што реално припаѓаме, рамо до рамо со европските народи, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во денешната дискусија на Летниот камп на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.