Македонија
Директорката на Комунална хигиена не им го продолжила договорот на лица кои 20 години земале плата, а не оделе на работа, од нив добила закани по животот
Директорката на Комуналното претпријатие Скопје, Косана Мазнева вели дека добивала сериозни закани по животот од страна на група на вработени кои 20 години земале плата, а не оделе на работа. Тие единствено биле задолжени за „наводна“ трета смена во претпријатието која поскапо се плаќа, работеле и прекувремени часови, а воопшто не оделе на своето работно место. Мазнева не им го продолжила договорот на овие лица.
Таа обвини дека оваа група им се заканува на останатите вработени да не излегуваат и да работат и затоа вели таа, на 40 степени во среде лето не се собира ѓубрето и се загрозува здравјето на граѓаните на Скопје.
„Знаете дека нашето претпријатие работи во смени 24/7, една голема група на вработени, веќе 15 години работат исклучиво во трета смена што е спротивно на сите законски норми и принципи на работење на претпријатието. Овие луѓе се политички насилници“, вели таа.
За одење трета смена на работа тие земале повеќе од 35 проценти повеќе за плата на својата трансакциска сметка.
„Најголем дел од овие луѓе биле нередовни и не ги извршувале своите работни обврски, голем дел од нив не се појавувале на работа, но биле запишани и за прекувремени работни часови и за работа во време на неработни денови“, додава таа.
Мазнева додаде дека оваа група се обидела да ја блокира работата на Комуналното претпријатие блокирајќи ја механизацијата и вработените кои сакале да завршуваат свои работни задачи, а имало кон вработените и закани кон нивните животи.
Вработените во Комунална Хигиена – Скопје, пак велат дека директорката Косана Мазнева не ги земала предвид нивните барања за преговори за покачување на платите, исплата на К-15 и бенефициран стаж и поради ова тие најавуваат протести. Според нив, наместо да ги покани на состанок, директорката повикала полиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.