Македонија
Родилката Крстевска од Битола објави фотографија со модринки и гребаници: Ова беше моето „ненасилно“ породување
Родилката Викторија Крстевска од Битола, чие бебе почина кусо по раѓањето во битолската болница пред три месеци, јавно ѝ даде поддршка на 21-годишната родилка, која вчера, во истата болница, роди мртво бебе. Крстевска уште еднаш побара одговорност за случувањата во болницата и повика на заедништво за да се стави крај на таквите случувања во болницата.
Заедно со повикот и поддршката Крстевска објави и фотографија, на која се гледа труднички стомак со модринки и гребаници.
„Да, ова беше моето ‘ненасилно’ породување. Доста е! Нема да молчиме!“, напиша Крстевска на „Фејсбук“.
Таа е згрозена од речникот на болницата, од каде што изјавија дека мртвороденото бебе на 21-годишната родилка било извадено со царски рез, немалтретирано.
Во април годинава во болницата во Битола лекарите ја породија Викторија, но бебето почина набргу по раѓањето. Вонредниот инспекциски надзор на Државниот здравствен и санитарен инспекторат утврди недостатоци при третманот на родилката, но од административна природа, за што најавени беа парични и прекршочни казни. По смртта на новороденчето, тогашниот директор на болницата во Битола, доктор Александар Обедниковски, си поднесе оставка од морални причини.
Адвокатот на Крстевска, Јанаки Митровски, пред две недели објави дека лекарите што ја породиле сакаат вината да ја префрлат на гинекологот што ѝ ја водел бременоста и не учествувал во породувањето. Адвокатот се сомнева дека сестрите што давале искази во Обвинителството се подготвувани оти дале ист исказ, од збор до збор. Единственото нешто од кое е задоволен е коректната вонредна инспекција на Министерството за здравство, каде што се детектирани серија недостатоци, грешки, недостиг на опрема или нејзина неисправност, како и непочитување протоколи и процедури од страна на болницата и лекарите.
Во март годинава во истата болница почина и петгодишната Јана Христовска по примање инфузија. Нејзините родители низ судскиот систем се обидуваат да докажат дека се работи за лекарска грешка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.
Македонија
Облачно со дожд и снег, магла по котлините – врнежливо и во наредните денови
Времето утре облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен прaвец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени.
Во Скопје, облачно и магловито, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 6 степени.
До почетокот на следната седмица следува период на претежно облачно време со локални врнежи од дожд на пониските и дожд и снег на повисоките места.
Македонија
Средба Сали – Кочиу: Забрзување на ONE STOP SHOP и нов импулс за институционалната соработка меѓу Македонија и Албанија
Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со министерката за внатрешни работи на Република Албанија, Албана Кочиу
За време на средбата беа разгледани билатералните односи меѓу двете држави, проектот ONE STOP SHOP, за кој се очекува во блиска иднина да започнат подготовките за имплементација, додека самата имплементација на системот се очекува да започне во летната сезона, како и можностите за продлабочување на меѓуинституционалната соработка и развојот на економските инвестиции.
Во овој контекст беше нагласена важноста на политичката и институционалната координација за реализација на стратешките проекти. Двете страни се согласија за интензивирање на дијалогот и секојдневната соработка меѓу надлежните институции, со цел унапредување на конкретните проекти кои го зајакнуваат партнерството меѓу двете земји и придонесуваат за стабилноста, економскиот развој и европската перспектива на регионот.

