Македонија
Русковска: Обвинителките засега нема да бидат изведени пред судија
Шефицата на Обвинителството за организиран криминал, Вилма Русковска вели дека постоеле индиции оти Бојан Јовановски познат како Боки 13 се обидел да избега, па затоа бил задржан на граничниот премин Богородица. Таа потврди дека е одредена мерка притвор за Јовановски и Милевски во траење од 30 дена.
„Сведокот поднесе кривична пријава кај нас и е сослушан. Потоа беше повикан уште еднаш, за да ја дополни кривичната пријава. И други лица се сослушани во својство на сведоци“, рече Русковска, запрашана за својството на сведокот во постапката.
Русковска нагласи и дека Обвинителството има обезбедено снимки од разговорите меѓу осомничените и сведокот.
„Обележани пари немаме, но имаме обезбедено снимки од разговори, но и видео снимки. Вршени се претреси кај првоосмничениот дома и кај неговите родители, кај второосомничениот дома и од јавниот обвинител е одземен телефон. Извршен е претрес и во канцеларија која ја користел првоосомничениот“, додаде Русковска.
Телефонот од обвинителката Катица Јанева бил одземен за да се види комнукацијата меѓу неа и првоосомничениот Боки 13.
„Засега, обвинителките нема зошто да бидат изведени пред судија. Постапката е отворена за да се види кој се е инволвиран во целиот настан“, рече Русковска.
Русковска се надева во понатамошниот тек на истрагата, истата ќе се прошири.
„Пред судија на претходна постапка, осомничените се поризнесоа за мерката притвор, дали има основа за истата или нема. Одбраната ќе ја дадат во Јавното обвинителство кога ќе бидат повикани“.
Шефицата на Обвинителството за организиран криминал вели дека доколку осомничените имаат имот, за кој нема да можат да докажат како го стекнале, тој ќе биде одземен.
„Донесена е наредба за истрага. Се води и финансиска истрага. За цел имот што го поседува било кој од осомничените, а за кој нема да можат да го докажат потеклото, односно од каде им е, Обвинителството во обвинителен акт ќе бара одземање на тој имот. Но тоа е отом-потом“, рече Русковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бојмацалиев: 27 милиони денари вложени во објектот на ЕВР Гази Баба
Денеска, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, оствари работна средба со раководството на Единицата за внатрешни работи Гази Баба, каде што беше брифиран за активностите и изготвените планови од СВР Скопје, а по кои постапуваат полициските службеници од оваа организациска единица, во насока на гарантирање на безбедноста на училиштата, јавниот превоз, сузбивање мигранти, обезбедување спортски натпревари, итн.
„Во делокругот на кривичните дела на подрачје на ЕВР Гази Баба случени се 248 кривични дела кои се гонат по службена должност, каде за истите се сочинети 40 кривични пријави против 61 сторител и расчистени се 43 кривични дела”, информираше Бојмацалиев. Притоа, тој истакна дека вработените во ЕВР Гази Баба имаат драстично подобрени работни услови преку реконструираниот објект во вредност од 27 милиони денари.
„Кога станува збор за ЕВР Гази Баба целиот објект е квалитетно решен и просторниот проблем на Отсекот за оружје, експлозивни и опасни материи-Скопје при Одделот за граѓански работи, но и на Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје, унапредувајќи го квалитативното ниво на работа на овие организациони единици кои се од исклучителна важност”, рече Бојмацалиев.
Во оваа прилика Бојмацалиев ги посети и раководителите на организациските единици во рамки на СВР Скопје кои во моментот во ЕВР Гази Баба слушаат обука „Улогата на полицијата за време на изборите 2024”, во насока на гарарантирање на безбеден и мирен изборен процес.
„Уверен сум дека колегите на обуката ќе ги утврдат веќе стекнатите знаења кои ги демонстрирале и во претходните изборни циклуси. Можам да кажам дека МВР е целосно подготвено за спроведување на фер, слободни и демократски избори по европски терк”, рече Бојмацалиев.
Македонија
Демири и Баланс МК разговараа за зголемување на опфатот на пациенти со инсулинска пумпа и сензори за мерење на гликемијата
Министерот за здравство д-р Илир Демири вчера оствари средба со претставници на Асоцијацијата за детски дијабетес Баланс МК. На средбата, разговараа за зголемување на опфатот на пациенти со инсулинска пумпа и сензори за континуирано мерење на гликемија.
„Министерството за здравство и Баланс МК имаат успешна соработка која продолжува и во следниот период со цел подобрување на квалитетот на живот на пациентите со дијабетес во земјава“, вели Демири.
Минатата година за првпат се набавија 650 сензори за безболно мерење гликемија во крвата кај деца и млади до 18 години со дијабет тип 1, бремени жени со дијабет тип 1 и слепи лица.
Македонија
ЛДП отвора нов штаб во Центар
Либерално демократската партија денеска ќе отвори нов штаб во центарот на Скопје, каде граѓаните ќе добијат можност да ја разгледаат програмата на партијата за претстојните избори, како и да споделат свои идеи врз основа на кои ќе се креираат политики со цел подобрување на социо-економската состојба во државата.
„Со години наназад докажуваме колку сме посветени да ја оствариме волјата на народот, неуморно го трасираме патот на земјата кон Европската унија и креираме политики со кои го подобруваме животот на граѓаните и ја унапредуваме државата на секое поле и токму во таа насока е отворањето на новиот штаб каде луѓето ќе можат да ги слушнат нашите планови за идното дејствување, да остварат личен контакт со членовите на партијата и да дадат свои предлози и сугестии врз основа на кои ќе ги создаваме идните политики“, посочија од ЛДП.
Оттаму наведоа дека се навистина среќни што имаат уште еден простор, што ќе преставува централно место, од каде што ќе се шират политиките што ги креира партијата.
„Водејќи се од нашето мото „Секој е важен“, упатуваме отворена покана до сите граѓаните до го посетат штабот и лично со нас да зборуваат за предизвиците со кои се соочуваат за заеднички да правиме суштински промени кои ќе ја водат државата напред“, истакнаа од ЛДП.
Од партијата наведоа дека очекуваат голема поддршка од граѓаните на претстојните избори, бидејќи нивните заложби се во вистинска насока.
„Секојдневно сме меѓу граѓаните, ги слушаме нивните мислења, бидејќи навистина ни значи да создаваме политики со кои ќе го подобриме животот во Македонија и ќе ги надминеме сите предизвици на патот кон ЕУ, за да станеме дел од Унијата, а со тоа, последователно, да ја унапредиме државата на секое поле“, наведоа од ЛДП.
Од партијата посочија дека вратите на новиот штаб се отворени за сите граѓани. Штабот е лоциран на улица „Ленинова“, спроти кафе-барот „Локал 45“.