Македонија
Сали не може да даде временска рамка кога ќе се набави лекот за цистична фиброза: Се надевам набргу
Министерот за здравство, Беким Сали, не знае дали ќе се чека нов министер за набавката на скапиот лек за лицата болни од цистична фиброза ниту, пак, дава временска рамка во која лекот би се набавил. Тој посочува само дека треба да се изменат неколку закони за лекот да може да се набави, став кој е веќе познат.
„Јас не би можел да дадам временска рамка. Тоа не е до Министерството за здравство. Тука се три институции, кои треба да ги изменат членовите на законите. Едно е Министерството за здравство, но ќе треба сите институции да ги изменат членовите. Јас мислам дека во делот на буџетот нема да има проблем. Ќе има интерен внатрешен ребаланс во Фондот. Не работиме за осум пациенти, туку на почетокот 30 да добијат терапија“, посочи Сали.
Тој пред новинарите само повтори дека се знае што треба да се промени од законите, но не и кога ќе се променат тие.
„Детектирани се членовите на трите закони што треба да бидат изменети. Јас се надевам дека набргу преку пратеници тоа ќе го издејствуваме за да преминеме во фаза за директни преговори, а со тоа и набавка на лекот. Со измените отвораме можност за преговарање за подобра цена на лекот. Тоа значи дека нема да чекаме период од 2 месеца, кој ни беше потребен, а служеше за жалби итн. Ова важи за првите осум пациенти и за сите други пациенти“, изјави Сали.
Претседателот на Асоцијацијата за лицата болни од цистична фиброза, Фики Гаспар, за „Макфакс“ вели дека здравствената состојба на болните е доволно лоша и дека не треба да се дозволи чекање и одолжување за набавка на лекот „трикафта“. Гаспар и јавно испрати порака: „Не смееме да дозволиме да ни почине пациент“ по што додава дека тројца пациенти се во критична состојба и секој ден многу им значи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

