Македонија
Само 27 проценти од учениците во Македонија се чувствуваат целосно безбедно во училиштето
Коалицијата на младинските организации „Сега“ организира панел-дискусија „Како до училиште без насилство“.
На настанот се дискутира за потребите и предизвиците на училиштата при превенција и постапување при случаи на разни форми на насилство, а активно се вклучија наставници и стручни соработници од основни и средни училишта, институции, граѓански организации, како и ученици.
Младите потврдија дека може да бидат партнер на наставниот кадар и стручните соработници во училиштата кон превенција од насилство врз децата. Претставниците од ученичките организации и Сојузот на средношколците на РСМ дискутираа за тоа колку и како учениците може да придонесат кон намалување на сите форми насилство во училиштата. Од друга страна, стручните соработници во училиштата ги истакнаа актуелните капацитети и предизвици за справување со формите на насилство во училиштата.
На настанот беа презентирани и генералните наоди на Државниот просветен инспекторат, како и на Канцеларијата на народниот правобранител. Васка Бајрамовска Мустафа, заменик-народен паавобранител, ги потенцира недостатоците на училиштата утврдени на терен во однос на заштитата на децата на сите нивоа.
За потребите на проектот е направено почетно истражување во проектни училишта, со опфат од: 25 училишта (13 основни и 12 средни училишта), 810 ученици, 370 наставници, 74 стручни соработници и директори, 673 родители.
„Само 27 % од учениците во Македонија целосно се чувствуваат безбедно во училиштето. За да го превенираме насилството во училиштето, мора да се практикува пристапот на суштинско вклучување на учениците и на сите фактори во училиштето (наставници, стручни служби, училишни тела, родители итн.)“, изјави Зоран Илиески, извршен директор на Коалицијата на младинските организации „Сега“.
„Интересно е тоа што физичкото насилство се намалува до одредена мера, но сепак училишното насилството се манифестира во разни форми, како што се вербалното, социјалното и психичкото насилство, што се потврдува со разните извештаи. Дополнително, на училиштата им е потребна поддршка кон справување со кибер-насилството, кое зема сѐ поголем замав во постковид-периодот. Од друга страна, учениците се согласуваат дека ученичките организации може да бидат сериозен фактор и сериозно да придонесат кон подигнување на свеста од последиците од разните форми на насилство“, изјави Томислав Гајтаноски, тим лидер на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“.
Панел-дискусијата „Како до училиште без насилство“ се организира во рамките на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“, кој се спроведува од страна на Коалицијата на младинските организации „Сега“ во партнерство со македонскиот Центар за граѓанско образование, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и „Смартап – Лабораторија за социјални иновации“, а финансиски е поддржан од детската фондација „Песталоци“. Проектот се спроведува во периодот септември 2023 – август 2026 година.
Цел на проектот е да придонесе кон остварување на правото на децата за квалитетно образование во безбедна и партиципативна училишна средина. Преку проектот се очекува да се подобри имплементацијата на законските одредби за ученичкото учество во процесите на донесување одлуки и заштита на децата, да се зајакнат капацитетите на основните и средните училишта за превенција и справување со насилство, како и да се унапреди примената на наставни методи и техники, кои поддржуваат и промовираат заштита, учество и еднакви можности за сите ученици и ученички.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

