Македонија
Сајкоски: Охрид мора да биде препознатлив како сесловенски, духовен, цивилизациски центар
Охрид мора да биде препознатлив како сесловенски, духовен, цивилизациски центар. Треба да биде културна сцена и туристички простор 365 дена во годината.
Значајно место на мапата на светски центри за конференциски туризам и водечки туристички простор во регионални и меѓународни рамки, вели Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
„Охрид за да биде препознат како сесловенски духовен културен центар Програмата Платформа 1198 на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија предводува значајни инвестиции во делот на инфраструктурата во комплексот Плаошник. Охрид исто така треба да биде на мапата на културниот туризам, место каде културниот туризам ќе трае 365 дена и точка која особено внимание ќе посвети на промоцијата на црковните историски и цивилизациски придобивки. Во зголемената културна понуда во Охрид од големо значење е и предвидената реконструкција што вклучува и надградба и доградба на Центарот за култура Глигор Прличев со што се обезбедува и нов простор за народниот театар Глигор Прличев, додава Сајкоски.
Како што вели, Охрид заслужува да биде и позициониран на мапата на светски центри за конференциски туризам за организација на меѓународни конференции и бизнис настани.
„А тоа ќе го овозможиме преку сеопфатни и сериозни инвестирања во инфраструктурата. Охрид мора да го стекне статусот за сериозна меѓународна туристичка зона за таа цел предвидени се и иницијативи со Албанија и Грција за формирање на заедничка туристичка зона помеѓу трите држави во регионот на Охридско, Преспанско и Костурско Езеро“, завршува тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Наместо нови автобуси во ЈСП, нови автобуси добија приватните превозници
Партијата Левица остро реагираше на најавата на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, дека од понеделник ќе започнат да сообраќаат 55 нови автобуси на приватните превозници, оценувајќи дека тоа е уште едно „импровизирано решение“ на штета на јавниот интерес.
„Наместо нови автобуси во ЈСП, нови автобуси за приватните превозници! Четири години ВМРО-ДПМНЕ го држеше Советот на Град Скопје во блокада и не гласаа за набавка на нови еко автобуси, поради што јавниот превоз колабираше, а градот западна во хаос. Денес, кога ја имаат целата власт, се обидуваат да изиграат спасители и најавуваат нови автобуси од приватници, наместо системско јакнење на ЈСП,“ стои во соопштението на партијата.
Левица обвинува дека ваквиот потег отвора сомнеж дека се подготвува терен за приватизација на јавните претпријатија, наместо за нивно реформирање и модернизација.
„Се поставува прашањето зошто приоритет им е набавка на автобуси за приватниците, а не за Јавното сообраќајно претпријатие? Истите тие што беа против купување нови автобуси, сега носат импровизирани решенија. Истиот двоен стандард го гледаме и со Градска хигиена – Скопје тонаше во смет поради нивните блокади, а сега се сликаат со метли како да го чистат туѓиот неред,“ порачаа од партијата.
Од Левица додаваат дека нивните советници во Советот на Град Скопје ќе се спротистават на секоја одлука што го фаворизира приватниот интерес пред јавниот и нема да дозволат, како што велат, „дополнително уништување на јавните претпријатија.“
„Ние сме за силно, јавно и модерно ЈСП, а не за приватизација и политички маркетинг,“ се наведува во соопштението на Левица.
Македонија
Во државава е поевтино да се облечеш, отколку да се храниш
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека во октомври индексот на трошоците на живот забележал мала дефлација од 0,2% во споредба со септември. Тоа се должи на поевтинувањето на транспортот за 6,1%, мебелот и одржувањето на домаќинствата за 0,3%, како и на образование и култура за 0,1%. Индексот на цените на мало бележи слично благо намалување, на 98,7 поени.
Сепак, ова благо месечно намалување не го менува годишниот тренд. Во однос на октомври 2024 година, индексот на трошоците на живот пораснал за 4,5%, а индексот на цените на мало за 2,8%, што покажува дека граѓаните сè уште се соочуваат со висок инфлаторен притисок.
Највидливо поскапување е регистрирано кај храна и безалкохолни пијалаци, кои за една година се зголемиле за 7%, како и кај алкохолни пијалаци и тутун (+6,7%) и облека и обувки (+2,8%). Мали месечни зголемувања има и кај домувањето, вода, електрична енергија и гас, како и ресторани и хотели, со раст од околу 0,2%.
Минималната синдикална кошница во октомври пораснала за 467 денари, а за просечно четиричлено семејство месечните трошоци изнесувале 65.544 денари. Најмногу се зголемиле трошоците за храна и пијалоци, кои во октомври достигнале 23.772 денари, што е раст од 378 денари за еден месец.
Македонија
И денес врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 14 до 18 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремен слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне 17 степени.
Според прогнозата на УХМР, во понеделник ќе се задржи претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 литри на квадратен метар за 24 часа) со појава на грмежи.
-Во вторник претпладне ќе има повремен локален дожд, а преку денот ќе дува умерен, долж Повардарието повремено засилен северен ветер. Во деновите потоа времето ќе биде стабилно и суво со пониски утрински температури, соопшти Управата за хитрометеоролошки работи.

