Македонија
Свечено одбележување на 41-ата годишнина од формирањето на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“
На платото пред базата на Специјалната антитерористичка единица ,,Тигар“, во касарната „Илинден“, во присуство на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со највисокото раководство во МВР, како и високи претставници од Владата и Генералштабот на Армијата, полициски аташеа при амбасадите во земјава, семејствата на загинатите припадници на Единицата и бројни гости, соработници и пријатели на Специјалната антитерористичка единица ,,Тигар“ при Бирото за Јавна безбедност во МВР, свечено беше одбележана 41-ата годишнина од формирањето на оваа специјална единица.
![]()
„ Ми претставува чест и задоволство да бидам дел од овој настан со кој се одбележува Денот на формирањето на Специјалната антитерористичка единица ,,Тигар”.Станува збор за значаен ден од историјата на нашите безбедносни единици. Специјалната антитерористичка единица денес е синоним за обученост според највисоките стандарди кои ги налага борбата против тероризмот и сериозниот криминал. Припадниците на оваа единица се олицетворение на професионалност. Единицата ,,Тигар” како колектив, е збир на максимално посветени, врвно обучени поединци, со максимална храброст и подготвени да се спротивстават на секој предизвик кој може да биде закана за безбедноста на земјата и граѓаните. Со нашето членство во НАТО и на глобалната коалиција за борба против тероризмот, Северна Македонија го адаптираше воено-безбедносниот систем според стандардите на НАТО. Во таков систем според највисоките стандарди на алијансата, свое значајно место има и Специјалната антитерористичка единица, која е оспособена во борбата со насилниот екстремизам и тероризам да спроведува највисоки борбено-технички вештини“, рече претседателот на Владата Димитар Ковачевски во своето обраќање на одбележувањето на 41-ата годишнина од формирањето на САЕ ,,Тигар“.
![]()
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повод чествувањето на Денот на САЕ ,,Тигар“ истакна: ,,Гордоста да се биде дел од одбележувањето на Денот на создавањето на нашата најреномирана полициска формација – Специјалната антитерористичка единица ‘Тигар’ е дотолку поголема што јас, како министер за внатрешни работи, имав задоволство минатата година, заеднички со припадниците на оваа единица, на овој ден – 13 март, да го одбележиме респектабилниот јубилеј од 40 години од формирањето, кога и ја промовиравме во Специјална антитерористичка единица ‘Тигар’ со нов амблем и знаме. Денеска, на прагот од петтата деценија, Единицата ‘Тигар’, од аспект на професионализмот и стручноста на нејзините припадници, претставува вистинска гордост не само на МВР, туку генерално на Република Северна Македонија. И во тоа сум длабоко уверен! Бидејќи следствено полициско-безбедносната пракса кај нас, во регионот и во светот, областа на специјалното оперативно полициско дејствување е еден од есенцијалните сегменти во полициското работење. Или, да бидам уште попрецизен, негов врвен, дури и елитен дел, како во организационен, така и во професионален поглед“.
Според министерот Спасовски, оваа специјализирана полициска служба, како една од најсложените во безбедносната структура на МВР, во име на специфичните, сложени задачи и динамични предизвици што пред неа се поставуваат во секојдневното работење, неопходно е секогаш да биде целосно подготвена, технички и кадровски опремена до перфекција.
,,Во претходните неколку години за припадниците на оваа Единица е обезбедена нова тактичка униформа за рурална и урбана средина со нов дезен, висококвалитетна спортска облека, вооружување и техничка опрема од типот на радиостаници и тактички комплети, набавени се интервентни возила, а добиено е и едно специјално возило за транспорт на службени кучиња. Заеднички успеавме да го изградиме стрелиштето овде, во касарната „Илинден“, со цел обезбедување услови за вежбовни активности на припадниците на Единицата заедно со колегите од полкот за специјални операции на АРСМ, го реновиравме и адаптиравме преземениот поранешен војнички клуб од Армијата и го пренаменивме во ресторантска сала за потребите на Единицата ТИГАР. Го уредивме ова плато на коешто сме, обновени се пристапните улици до базата на Единицата. Од аспект на подобрување на финансиско-социјалните услови, кое претставува приоритет за ова раководство на МВР, припадниците на ‘Тигар’ веќе редовно ги добиваат своите бонус плати за прекувремено изработени часови, редовно се вршат исплатите на патни трошоци за припадници кои живеат надвор од Скопје, како и исплатата на дневници за службени патувања, што претходно не било случај“, подвлече Спасовски.
Министерот Спасовски потсети дека оваа Единица претходниве неколку години беше дел од врвни обуки во земјава и во странство, во рамки на меѓународни и европски проекти, како онаа во Република Германија со Европската команда на американската војска – Зелени беретки, со специјалците – карабинери од Италија, со специјална единица „УРНА“ во Чешка, со австриската „КОБРА“, со француската „РАИД“, а секогаш посебен белег остава учеството на припадниците на оваа Единица во бројни тактичко-оперативни вежби со национален и меѓународен предзнак.
,,За сето ова говорат и резултатите на терен. Припадниците на ‘Тигар’ се неизоставен сегмент во оперативните акции на МВР, секогаш подготвени за најтешките спасувачки мисии, без нив речиси и да не може да помине поголема полициска акција за недозволена трговија со дрога, оружје, криумчари на мигранти, односно сите форми на сериозен и организиран криминал. Заедно со своите колеги од специјализираните оддели тие беа дел од бројни активности во кои за само два месеца се запленети 7 килограми хероин со вредност од речиси 300.000 евра, околу 1.2 тона психотропни супстанци за производство на амфетамин со вредност од околу 200 милиони евра, над 2 тона марихуана со вредност од над 4,5 милиони евра…“, потенцираше министерот Спасовски, честитајќи им го Денот на припадниците на САЕ,,Тигар“, со уверување дека оваа единица и во иднина ќе биде секогаш на висината на задачите, темелна и ефикасна во заштита на сето она што им е доверено по Уставот и законите.
Командантот на САЕ „Тигар“ Митко Даневски во своето обраќање рече: ,,Следејќи ги светските трендови, новите форми на дејствување на организираните криминални групи, радикализмот и насилниот екстремизам, а со цел да се даде ефикасен одговор преку спречување на истите, САЕ ‘Тигар’ континуирано се усовршуваше и модернизираше, за денес да можеме да кажеме дека Единицата претставува високопрофесионална, организирана и врвно опремена формација во рамки на МВР и безбедносниот систем во државата. Особено сакам да го истакнам фактот дека припадниците на САЕ ‘Тигар’ се одликуваат со висок степен на подготвеност, мотивираност и силна посветеност во извршување на своите задачи, а посебно место во историјата на нашата единица имаат припадниците, кои извршувајќи ја својата должност, на првите борбени линии, го дадоа и најдрагоценото – ги положија своите животи“.
Командантот Даневски порача дека САЕ„Тигар” беше и продолжува да биде чувар на уставниот поредок на државата, во борбата против тероризмот и организираниот криминал, гарантирајќи ги мирот, слободата и безбедноста на сите граѓани на нашата држава.
Во текот на свеченоста официјалните делегации им оддадоа почит на загинатите припадници на САЕ „Тигар“, положувајќи цвеќе на Спомен плочата, а беа доделени признанија, благодарници за соработниците, јубилејни плакети за 5, 15, 20 и 30 години во службата на припадници на Единицата, како и признание за најдобриот припадник за изминатата 2021 година, а присутните имаа можност да погледнат една тактичко-показна вежба на припадници на „Тигар“, насловена: „Упад во објект од воздух и копно“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.
Македонија
Муцунски-Грлиќ Радман: изразена подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата беше изразено заемно задоволство од традиционално пријателските билатерални односи, придружени со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка што двете земји ја негуваат во сите сфери од заемен интерес во изминатите 34 години.
Во насока на понатамошно продлабочување на позитивниот тренд во односите, беше нагласен заемниот интерес за продолжување на политичкиот дијалог и соработката на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредување на економската соработка, продлабочување на трговската размена, како и проширување на соработката во областа на енергетиката, здравството, културата и туризмот.
Министерот Муцунски ја реафирмираше благодарноста за континуираната хрватска поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и за ставот дека процесот на проширување на Европската Унија треба да продолжи со засилена динамика. Беше изразена и подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во Европската Унија.
Соговорниците се согласија дека зајакнатата координација како земји членки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, како ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатланската безбедност. Беше потврдена заедничката посветеност на вредностите и принципите на Алијансата.
Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.
Посетата на министерот Грлиќ Радман претставува значаен чекор кон понатамошно унапредување на билатералните односи и отвора нова фаза на соработка, која ќе биде заокружена со потпишување на меѓувладин Договор за стратешка соработка, заснован на европските вредности, заемната доверба и почитување.
Македонија
(Видео) Николова до Јаневска: Ја рушите уставната автономија на универзитетите
Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати две прашања до министерката за образование Весна Јаневска, а се однесуваа на ограничувањето на автономијата на универзитетите со предложениот закон за високо образование, односно на одредби со кои Владата дава мислење на статутот, предлага членови во Националниот совет, има влијание врз клучните академски стандарди, бројот на студенти и финансиското работење, со што се нарушува уставно загарантираната самостојност на високообразовните институции. Никлова праша и за примената на библиометрискиот Х-индекс и Web of Science како критериуми за напредување, што може да доведе до дискриминација на одредени научни области и да создаде простор за институционализиран непотизам.
Почитувана јавност, денес ќе го искористам моето право да ѝ поставам две прашања на министерката за образование, коишто се однесуваат на предложениот закон за високо образование, кој пред неколку недели е прикачен на ЕНЕР.
„Ќе зборувам за две клучни работи за коишто ми се и прашањата.
Прво, за критериумот за напредување – Х-индексот, како и за опасноста од институционализиран непотизам, и второ, за системското разградување на автономијата коешто овој закон го спроведува тивко, но темелно.
Законот инсистира на Web of Science како практично единствено мерило на научната вредност, а Х-индексот го претвора во клучен услов за избор и реизбор во звање. На хартија реално изгледа модерно и објективно, но во пракса станува збор за сведување на науката на бројки, при што се дискриминираат цели научни области, особено општествените и хуманистичките науки, ги става младите истражувачи во невозможна, а со тоа и неправедна позиција и создава формална објективност која лесно се заобиколува со мрежата на моќ.
Дополнително, морам да укажам на уште еден логички и правен парадокс. Законот предвидува повисоки и построги критериуми за реизбор во звање редовен професор отколку за самиот избор во тоа звање. Ова е апсурдно. Не може за едно исто звање со ист правен статус да има едни услови за влез, а други повисоки за да се остане во тоа звање. Тоа ја руши правната сигурност, ја прави академската кариера несигурна“.
Како што рече, законот не нуди реални механизми за спречување на непотизмот.
„Законот не содржи ниту една реална, ефикасна забрана за вработување на деца на професори на истите факултети каде што работат нивните родители.
Напротив, во ваков систем тоа станува дури можност за непотизам на голема врата.
Извршната власт има влијание над основните акти на универзитетот, унапредувањето и вработувањето на кадрите, финансиите, уписот, па дури и опстанокот на институциите. Е, тоа е автономија колку што дозволува власта и министерот.
Затоа ви поставувам две прашања. Како ќе гарантирате дека со примена на библиометрискиот Х-индекс и Web of Science нема да доведете до дискриминација на цели научни области и млади истражувачи? Уште поважно, како ќе спречите тие формално строги критериуми да не станат параван за непотизам, меѓусебно цитирање и затворени академски кругови?
И второто, како ја усогласувате уставно загарантираната автономија со членовите коишто ви ги посочив, а ги има уште многу, кога кумулативно овие одредби ѝ даваат на извршната власт контрола врз статутот, кадрите, финансиите и опстанокот на универзитетот“.

