Македонија
Кузеска: СДСМ бара одговорност по скандалите во ЈПДП и злоупотребата на патарините
Мора да има одговорност за сканалите во ЈПДП и злоупотребите на патарините. Веќе објавивме дека Коце Трајановски и ДПМНЕ го поставиле Миланчо Митревски за шеф на контролорите на Наплатната служба на патарините во Петровец, иако не ги исполнува условите за тоа, вели Богданка Кузеска портпарол на СДСМ.
„Фатен бил како ја злоупотребува службената положба. На Митревски му е изречена дисциплинска санкција за тоа што наплаќал повеќе пари на патарините а вишокот го присвојувал за себе. Неговата единствена квалификација за оваа функција е тоа што е партиски кадар на ДПМНЕ и сопруг на советничка на истата партија во Велес. ДПМНЕ ја враќа грубата партизација и бруталната злоупотреба на институциите како до 2016 година“, посочува Кузеска и додава:
„Но, скандалот во ЈПДП е уште поголем затоа што за Митревски не важат прописите и законите. Снимки од патарините кои ни ги доставија свиркачи покажуваат дека Митревски не плаќа патарини. Ова е апсолутно недозволиво. Народот да плаќа, додека за партиските шерифи на Мицкоски и Трајановски да не важат закони и прописи и да прават што сакаат. Ова е типичен пример на партиска злоупотреба на институциите и јавните ресурси. И овие скандали се случуваат во исто време кога МВР поднесе 18 кривични пријави за неплаќање патарина, за 12 полицајци и за 6 вработени во патарините. Тошковски и МВР треба да одговорат зошто Митревски не е сакнциониран? Зошто за него нема кривична пријава? МВР има селективен пристап или за него не важат законите затоа што е кадар на ДПМНЕ? СДСМ бара итна разрешница на овој скандал и одговорност. Коце Трајановски треба веднаш да го разреши Миланчо Митревски од функцијата шеф на контрола на Наплатна служба. МВР и Тошковски веднаш да реагираат, да преземат мерки сите надлежните институции за соодветна одговорност. Не може да има двојни стандарди во владеењето – еден за народот и друг за партиските шерифи на ДПМНЕ“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

