Македонија
СДСМ: Бизнисменот од Либија, што го споменува ВМРО-ДПМНЕ, нема никаква врска со Заев
Бизнисменот од Либија, што го споменува ВМРО ДПМНЕ, нема никаква врска со претседателот Заев, ниту некогаш се сретнал со него, ниту пак е нечиј партнер, реагира СДСМ на обвинувањата на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, дека Заев е вмешан во меѓународен криминал.
„Не се точни пласираните лаги и конструкции на ВМРО-ДПМНЕ. Криминалната структура на ВМРО ДПМНЕ на релација Скопје – Будимпешта конструира лажни случаи, измислува лажни договори и непостоечко средби на претседателот на СДСМ. Подрумот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не знае да спакува ниту лага, Зоран Заев не бил на тајни средби ниту пак се среќавал со сомнителни бизнисмени“, велат од СДСМ.
ВМРО-ДПМЕ објави дека Заев имал средба со либискиот бизнисмен Шаукар Али Гафур и дека зад оваа бизнис врска со Заев стоел поранешниот премиер на Малта, Јозеф Мускат, кој како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, замина од власт поради контроверзиите со убиството на новинарка на Малта.
Од СДСМ велат дека Заев како премиер бил во официјална посета на Малта, во сосема различна година од онаа во, како што велат, измислениот случај од страна на ВМРО-ДПМНЕ и за таа средба јавноста е известена, одговорно и транспарентно.
„Шемата од подрумите на ВМРО ДПМНЕ за ширење лажни вести е очигледна и добро разработана. Откако узурпираа медиуми со корупција станаа и нивни уредници, па прво пуштаат вести во медиумите што ги контролираат, потоа се прават недоветни и истото го повторуваат од партиска говорница“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ потсетуваат дека Игор Јанушев е дел од случајот „Дизајн“ на СЈО, како учесник во сомнителна набавка на кинеските автобуси на ЈСП.
„Ако ВМРО ДПМНЕ не ја опструираше правната држава и имаше искрен пристап многу лесно до сега ќе се знаеше кои се криминалци, а кои работат во интерес на граѓаните. ВМРО ДПМНЕ е партијата која има неплатени 400.000 евра во претседателската изборна кампања, за ВМРО ДПМНЕ се водат две постапки во судот за нелегално финансирање на партијата, едната со лажните уплатници со донации и другата со криминалната изградба на партиската палата. Целото опстојување на партијата и нејзиното делување почива врз криминал и врз нелегално стекнати пари. Шлаканицата што ќе ја добијат од народот на 12-ти април ќе биде доказ дека државата не заслужува да ја водат осомничени и обвинети, а сега и конструктори на лаги за јавноста. На 12-ти април ќе победат вистината и правдата“, пишува во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Европски фронт: Ветингот, услов за нова Влада
Арта Билали Зендели, претставник на Европскиот фронт на прес- конференција истакна дека ветингот ќе биде услов за новата Влада.
Според неа, без воспоставување на ефикасен механизам и објективен скенер на чистотата на личностите кои преземаат јавна одговорност, како што е проверката, не може да се постигне оптимален напредок во борбата против криминалот и корупцијата.
„Денеска ви ја претставуваме една од заложбите на политичката програма „Европа 2030“ на Европскиот фронт, спроведување на процесот на проверка за сите носители на политички функции и носители на големи одговорности во областа на судството и борбата против криминалот и корупцијата. Без воспоставување на ефикасен механизам и објективен скенер на чистотата на личностите кои преземаат јавна одговорност, како што е проверката, не може да се постигне оптимален напредок во борбата против криминалот и корупцијата. Владеењето на правото, правдата и доброто владеење гарантираат еднаква лојалност и одговорност за секој граѓанин пред законот. Борбата против корупцијата и организираниот криминал ќе продолжи да биде бескомпромисна, со нулта толеранција, но овојпат засилена со точноста на системот за проверка во законодавната, извршната, судската, обвинителството и секоја друга функција во централно и локално ниво, за именувани или избрани лица“, вели Арта Билали Зендели.
Како што вели, ветингот ќе овозможи поголема транспарентност на богатството на кандидатите кои сакаат да преземат јавна одговорност и како се постигнува тоа богатство.
„Ова објективно следење ќе биде поттик за сите и можност за чесни човечки капацитети да излезат на површина за да им служат на потребите на луѓето. Ветингот за корупција е неопходна категорија која еднаш засекогаш ќе ја затвори вратата за поединци кои го ставаат личниот интерес над општото. Европскиот фронт за првпат инсистира и на примена на проверка на руското влијание и антидржавните служби за да се елиминира ризикот од дестабилизација и дезориентација на земјата од евро-американската ориентација. Донесувањето на посебен закон за ветинг ќе биде најсилниот одговор против секоја тенденција за манипулација и злоупотреба на јавната положба“, завршува Арта Билали Зендели.
Македонија
СДСМ не ја прифаќа понудата на Максим Димитриевски
Граѓаните и гласачите на СДСМ веќе ја препознаваат измамата која им е сервирана од страна на ЗНАМ и непринципиелните коалиции. За разлика од субјектите како ЗНАМ, кои се човек-партија СДСМ е државничка партија со длабоки и силни корени, се вели во одговорот на социјалдемократите на вчерашната понуда на ЗНАМ.
Вчера Максим Димитриевски, претседателот на ЗНМ рече дека единствен услов за евентуална соработка со СДСМ е оставка на раководството на партијата во рок од 24 часа, а носителите и ко-носителите на кандидатските листи на нотар да изјават дека нема да прифатат пратенички мандати.
Македонија
Силјановска Давкова: Посебно ми беше убаво кога видов дека сме победиле и во Муртино
Гордана Силјановска-Давкова порача од Струмица дека ќе се вивне политичкиот вулкан како отпор на феудалните енклави на замислените европјани.
„Во Струмица се чувствувам особено добро бидејќи знам дека оттука ќе тргне тој политички вулкан што ќе стави крај на последната феудална енклава во Македонија. Таа енклава ја нареков феудот на Заеви што ќе се распадне! Замислете, „заколнати“ самонаречени европјани мислат дека со рефудализација ќе стигнат во ЕУ. Неверојатно нешто! Посебно ми беше убаво кога видов дека сме победиле и во Муртино“, вели Силјановска-Давкова.
Како што цели, во дебата, квази дебата на давеник што се фаќа за сламка, била прашана како може да не го употребува името „северна“, и дека го кршела Уставот.
„ Му објаснив дека правото на самоопределување е колективно право и дека Македонија истото го искористи уште на АСНОМ. Но и дека секој од нас има право на индивидуално самоопределување и дека никој, никогаш ниту мене, ниту вам не може да ни забрани да го употребуваме името Македонија. Замислете, во една емисија, во еден изборен циклус, не знаете кој е кој, не знаете со кого разговарате, бидејќи господинот Пендаровски неколку пати го негира она што го кажал. Во една изјава сум одличен професор, меѓународно признат експерт, дека сум имала висока морална вертикала. Па после вика не, јас мислев на висока морална вертикала во однос на Уставниот суд. Пазете, луѓево имаат по десет морални вертикали. Еднаш за Уставниот суд, еднаш за Собрание, еднаш за претседател… Неверојатен конгломерат. Како тогаш очекувате став од ваквите луѓе? Како очекувате да опстојат?“, додава Силјановска-Давкова.