Македонија
СДСМ: Дали Христијан Мицкоски бега од брзи избори?

Од СДСМ прашуваат дали Христијан Мицкоски сака да побегне од предлогот за брзо соочување на предвремени парламентарни избори?
„Со месеци Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ бараат итни предвремени парламентарни избори, а денеска кога има конкретен предлог, тој измислува изговори. Очигледно Мицкоски знае дека нема поддршката кај граѓаните и дека го очекува нов пораз. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ниту имаат идеја, ниту визија, понуда, немаат ниту програма.
Тие само сакаат обнова на криминалниот режим, обнова на изолацијата и бесперспективноста во која ја држеа државата заробена. Тоа граѓаните нема да им го дозволат, на предвремени парламентарни избори, граѓаните повторно ќе ја поразат режимската матрица на ВМРО-ДПМНЕ, како што ја поразија и на претходните парламентарни, локални и претседателски избори“ се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За верниците од исламска вероисповед денес започнува Светиот месец “Рамазан“

За верниците од исламска вероисповед од денеска започнува Светиот месец – „Рамазан“, месец на пости и религиозна посветеност. Во наредните 30 дена муслиманските верници ќе постат од изгрејсонце до зајдисонце.
Рамазан е деветти месец од лунарниот календар, кој се смета по Месечината, а не по Сонцето. Тоа значи дека секоја година постот почнува 10 или за престапната година, 11 денови порано.
Според исламската религија, постот, кој е еден од исламските столбови е задолжителен за сите верници за нивно физичко и душевно прочистување. Истовремено, верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општо човечко прочистување.
Во постот се поштедени болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа. По едномесечниот пост, првиот ден на празникот Рамазан Бајрам е на 30 март. Овој голем муслимански празник се слави три дена.
Македонија
Од понеделник започнуваат Велигденските пости

Од понеделник започнуваат Велигденските пости, без масло од понеделник до петок, а со масло за викенди. Овој пост е посветен за подготовка и во чест и спомен на Воскресението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.
Христос воскресна од мртвите и со неговата смрт смртта ја уништи, а со Него и сите нас кои веруваме и одиме по Него нe совоскрена за да наследиме воскресение и живот вечен. Оваа зададеност Бог му ја дал на човекот уште во рајот, при што требало да исполни само една заповед: да се воздржува, т.е. да пости.
Ако постот му бил потребен на човекот во рајот за да дојде до целта, тогаш уште повеќе му е потребен во оваа земја на отуѓеност и богоотстапништво. Вистинскиот пост во себе ги содржи и сите добродетели: покајанието, смирението, милосрдието, телесниот подвиг, а пред сe, молитвата. Постот без молитвата и останатите добродетели е само една обична физичка дисциплина, диета, па дури и суета и прелест.
Постот е добродетел на Црквата, па според тоа има и соборни димензии, односно постиме и се подвизуваме не само за себе, туку и за сите други. Овој пост се пости строго без масло од понеделник до петок, освен сабота и недела кога се пости со масло. Два дена во текот на овој пост се јаде риба – на Благовештение и на Цветници, и тоа во зависност кога ќе се паднат. Првите три дена од постот монасите и поревносните христијани во светот држат тримир.
Тоа е тридневен пост во целосно воздржување од јадење и пиење. Светите отци решиле овој пост да трае 40 дена како што постел Господ Исус Христос, и уште една недела, како тажна седмица, од влегувањето на Христос во Ерусалим сe до Воскресение.
По Велигден е Светлата седмица и во таа седмица не се пости, а секој ден се оди во црква на Литургија.
Начинот на постење опишан погоре е општо правило на Црквата, а секому му се одредува неговото лично правило со благослов на духовниот отец.
Македонија
Да се заложиме за комуникација без омраза, порачува КСЗД по повод Светскиот ден за нулта дискриминација

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (KСЗД) по повод 1 Март – Светскиот ден на нулта дискриминација апелира да изградиме општество засновано на разбирање, солидарност и праведност за сите.
– На 1 март, Светскиот ден за нулта дискриминација, потсетуваме дека секој човек има право на достоинство, почит и еднаквост, без разлика на неговите лични карактеристики. Дискриминацијата не е само индивидуален проблем – таа го засега целото општество, ја нарушува социјалната кохезија и го спречува напредокот. На овој ден, не зборуваме само за еднаквост – зборуваме и за одговорност. Секој од нас има моќ со своите зборови и постапки да придонесе кон општество засновано на разбирање, солидарност и почит. Начинот на кој комуницираме со другите ја обликува средината во која живееме. За говорот што вклучува дискриминација, предрасуди или поттикнување поделби нема место во нашето секојдневие, се вели во соопштението.
Според KСЗД, кога дозволуваме стереотипите и нетолеранцијата да станат дел од нашата култура, го поттикнуваме неединството и ја намалуваме довербата меѓу луѓето.
– Но, зборовите имаат сила – можат да изградат мостови на разбирање и поддршка, да поттикнат емпатија и да создадат средина во која секој се чувствува прифатено. Затоа, овој ден нека биде потсетник дека секој од нас има улога во создавањето на инклузивно општество. Да се заложиме за комуникација без омраза, за односи базирани на почит и заедништво. Промената започнува со нас – со нашите дела, зборови и избори, секој ден. Ова нека биде повик за акција – да изградиме општество засновано на разбирање, солидарност и праведност за сите, стои во соопштението од КСЗД.