Македонија
СДСМ: Демантирани лагите на Мицкоски за Онкологија

Лагите на Мицкоски за Онкологија се демантирани, не постои и воопшто не е изготвен извештај што го опфаќа периодот до август 2023 година, велат од СДСМ.
Додаваат дека сите докази во предметот се обезбедени и веќе се предмет на анализа, која ги испитува сите евентуални незаконитости без разлика кога се случиле.
„Лагите на Мицкоски, кои ја вознемируваат јавноста, претставуваат обид за упад и ја загрозуваат истрагата за Онкологија.
Очигледно Мицкоски свесно ја загрозува истрагата за Онкологија и прашање е која е неговата цел, дали сака да ја попречи правдата.
После 20 години, гласини и индиции во голем број на сектори, а особено во здравствениот сектор, за прв пат во време на СДСМ институции влегоа и направија акција за расчистување’“, се истакнува во реакцијата на СДСМ.
Според оваа партија, одговорност за сите инволвирани во случајот на клиниката за онкологија ќе има, независно од политичката или етничка припадност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес протест пред МВР поради одложеното рочиште за убиството на кучето Феликс

Денеска пред Министерството за внатрешни работи во 12 часот ќе се одржи протест поради одложеното рочиште за убиството на кучето Феликс.
Протестот го организира граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ заедно со активистички здруженија и групи за заштита на животните од држава.
-На 15 јуни во 12 часот ве повикуваме на мирен, но гласен и масовен протестен марш што ќе започне пред Министерството за внатрешни работи! Кога едно убиство — најтежок облик на кривично дело — останува неказнето, тоа е тешка повреда на правниот и на моралниот поредок во целото општество. Кога убиец останува на слобода се губи доверба во институциите (полиција, обвинителство, судство), се праќа порака дека животот нема вредност, се поттикнува култура на страв и молчење, наместо правда и одговорност, а насилството се нормализира! Кога нема казна, има повторување! Правдата не е избор, туку обврска на секое демократско и хумано општество! Феликс — симбол на добрината, верноста и кроткоста — беше брутално убиен. Феликс не беше само уште едно бездомно куче, не беше само уште една несреќна жртва! Неговото убиство не смее да помине неказнето! Правдата не дискриминира по вид. Живот е живот! Судот мора да изрече затворска казна ако сакаме и најмал зрак на надеж дека слични дела нема да се повторуваат во иднина!, велат од здруженијата.
Здруженијата бараат итно расчистување на случајот и максимална затворска казна за сторителот Љубе Крстевски како и за неговиот соучесник Бранко Билбиловски, воведување минимум од една година задолжителна затворска казна за кривичното дело убиство и мачење животни од Кривичниот законик, формирање локални (општински служби за заштита на животните), донесување закон за Комунална полиција (со полиција за животни), превентивни мерки за редуцирање на насилството врз животните и системска едукација.
Македонија
По половина час се чека на граничните премини Табановце и Богородица

На граничните премини Табановце и Богородица, времето на чекање за влез и излез од државата изнесува околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сончево и топло со слаб до умерен северен ветер

Утрово имаме значително свежо време речиси насекаде, а времето е ведро и сончево насекаде. Најниска температури од само 6 степени е измерена во Лазарополе. Во Скопје денес ќе биде сончево и топло со слаб до умерен северен ветер.
И утре времето ќе биде претежно сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Дневните температури ќе достигнат до 34 Целзиусови степени.