Македонија
СДСМ: Законот ги демантира лагите на Александар Николовски
ВМРО-ДПМНЕ и познатиот извор на лажни вести, Александар Николовски се фокусирани на интензивно пласирање невистини и спинови околу стратешкиот проект за изградба на коридорите 8 и 10Д, соопшти СДСМ.
„Не навлегуваме за скриените мотиви на Николовски и ВМРО-ДПМНЕ да пласираат невистини за стратешки проект и за реномирана американска компанија. Но Законот е јасен и Законот ги демантира лагите на Александар Николовски.
Законот за утврдување на јавен интерес за номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10 е донесен во 2021 година, а објавен во Службен весник на 16 јули истата година (број 163).
Во член 11, став (3), односно во делот каде се регулира ангажманот за работници од дома и од странство јасно стои обврската стратешкиот партнер да користи најмалку 51% од локални ресурси“ велат од владејачката партија.
Оттаму додаваат дека проекциите со кои се обидува да спинува Николоски, секогаш зависат од расположливите ресурси, но Законот е јасен.
„Тоа значи дека ако нашата земја има доволно локални ресурси односно работна сила, бројот на локално ангажираните ресурси може да биде и поголем од 51%. Во член 13 пак, во став 1 јасно стои дека ангажираните работници мора да имаат потребни дозволи за престој и работа и согласно овој специјален Закон точно е утврдена оваа процедура односно она што стои во Договорот е согласно со законот“ порачаа од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова – Павловски: Максимално да се искористат сите можности за економски развој на земјава
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова остварила средба со Крис Павловски, директор на водечката светска компанија за дигитални платформи Рамбл, кој е во посета на земјата во рамките на конференцијата Македонија 2025.
На средбата, како што соопшти претседателскиот кабинет, Павловски ја претставил работата на Рамбл, компанија која котира на индексот Наздак на берзата во Њујорк, со нејзината етаблирана видео платформа и е во подем во дејноста на развојот на дигиталната инфраструктура и клауд услугите.
Како водечки претприемач со македонско потекло, Павловски изнел мислења за состојбата во дигиталниот сектор, за трендовите и перспективите кои може да се искористат.
Претседателката Сиљановска Давкова го информирала Павловски за нејзината иницијатива за развивање на соработката со македонската дијаспора, со цел максимално да се искористат сите можности за економски развој на земјава.
Македонија
Кадровски промени на Водно, правникот Божинов и новинарот Момировски ќе раководат со претседателскиот кабинет
Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова за генерален секретар на својот кабинет го именувала Ѓорѓи Божинов, пратник кој работел во Министерството за земјоделство, а за негов заменик новинарот Горан Момировски.
Од функциите се разрешени генералниот секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров, кои беа ангажирани во мандатот на доскорешниот претседател Стево Пендаровски.
Генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области.
Претходно, Божинов својата кариера во областа на правото ја остварува на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Македонија
Вработена во МВР наплатувала по 15.000 евра за лажно посредување за социјален стан
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишна вработена како аналитичар во СВР Скопје која е осомничена за продолжено кривично дело измама според член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Од април 2023, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, осомничената довела во заблуда три лица, на кои лажно им се претставила како началник во полициска станица Гази Баба и член на Комисија за доделување социјални станови.
На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да и исплатат по 12.000 евра за стан и 3.000 евра за посредување и изготвување документација.
Парите и ги давале во повеќе наврати, а при последната исплата на 12.500 евра, во близина на полициската станица, била затекната веднаш по предавањето на парите.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање живеалиште, обврска повремено да се јавува кај службено лице во судот и одземање на патната исправа.