Македонија
СДСМ: Мицкоски врши упади во други политички партии само за да не поднесе оставка
Губитникот Мицкоски прави сѐ само да не го исполни ветувањето за оставка по поразот на изборите, граѓаните порачаа дека со ВМРО-ДПМНЕ напредок не е можен, реагираат од СДСМ откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција најави дека дел од Интегра поминува во ВМРО-ДПМНЕ.
„Очајот и фрустрациите од третиот последователен пораз кај Христијан Мицкоски не стивнуваат. Пред само два месеци, на фер, слободни и демократски избори, Мицкоски и нереформираното ВМРО-ДПМНЕ добија јасна порака од граѓаните кои ги поразија нивните деструктивни политики.
Денес, Мицкоски врши упади во други политички партии само за да го прикрие фактот што не го исполни ветувањето дека ќе поднесе оставка ако не победи на изборите и ако не успее да состави влада.
Наместо оставки и реформи, Мицкоски организира лицемерни протести на кои неговите приврзаници со скапи автомобили глумат загриженост за цената на струјата, а се со цел, да ја задржи фотелјата во Белиот дворец,
Најавата за формирање таканаречен опозициски блок е само уште еден во низата блефови на Мицкоски, тој одамна ја нема поддршката од граѓаните, заради неговото незрело, неодговорно и деструктивно однесување.
Граѓаните јасно порачаа дека сакаат да продолжат по патот на напредокот, развојот и интеграциите и дека тоа не можно со ова нереформирано ВМРО-ДПМНЕ, затоа оваа партија и Мицкоски уште догло ќе бидат опозиција“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

