Македонија
СДСМ: Мицкоски призна дека државата загубила генерации
Христијан Мицкоски призна дека државата загубила генерации, но признанието не е доволно, вели СДСМ по денешното обраќање на лидерот на опозицијата.
„Мицкоски денеска призна дека Македонија загуби неколку генерации како резултат на 11-годишното криминално и расипничко владеење на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ и неговиот претходник Никола Груевски. Ова признание на Мицкоски не е доволно. Граѓаните очекуваат, наместо по стапките на Никола Груевски, ВМРО-ДПМНЕ да ги напушти штетните и деструктивни политики. Наместо да дејствува спротивно на интересите на граѓаните и државата, ВМРО-ДПМНЕ треба да смогне сила вистински да се реформира. По 11 години осиромашување, изолација и поделби на граѓаните и државата, Република Македонија тргна напред. Времето на тонење, бесперспективност и уназадување на Македонија заврши со заминувањето од власт на ВМРО-ДПМНЕ“, стои во соопштението што го испрати СДСМ.
Владејачката партија додава дека Македонија се гради како модерна и демократска држава на еднакви граѓани, а реформскиот процес и успешните економски политики на Владата предводена од СДСМ обезбедуваат економски раст, повисоки плати, одговорни институции и повеќе пари назад кај граѓаните.
Мицкоски денеска најави дека ќе почне со посети на терен за да го чуе гласот на народот. Порача дека Македонија нема време за чекање и не смеат да дозволат да биде изгубена уште една генерација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ССНМ: Дигиталниот напад врз „Слободен печат“ е напад врз слободата на медиумите
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници бара брза, итна и енергична акција на Основното јавно обвинителство и на Министерството за внатрешни работи при координираната и злонамерна активност насочена кон профилите на „Слободен печат“ на социјалната мрежа Инстаграм.
„Оваа очигледно организирана и нарачана активност, предизвикана од масовни пријавувања на содржините е со јасна цел, нарушување на работата на редакцијата и форма на притисок врз медиумот кој со ништо не ги нарушил правилата на платформата.
ССНМ смета дека овој вид на напади, а во случајот на Слободен печат, циклично и констатно се повторуваат, е директно загрозување на слободата на изразување, правото на информирање и безбедност на онлајн просторот, и бара итна институционална акција на надлежните органи, во прв ред на Основното јавно обвинителство и МВР. Тие мора да преземат се што е во нивна надлежност и на медиумите кои се глас на јавноста и совест на општеството да им овозможат непречена работа.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници се надева дека Слободен печат како еден од водечките медиуми во земјава нема да запре со одговорното и транспарентно работење и ќе продолжи со професионалното новинарство иако предизвиците се огромни, но подлегнување на обидите за замолчување преку новите начини на дигитален притисок ќе бидат исполнување на целта на лицата или интересните групи“, велат од ССНМ.
Фото: pexels
Македонија
Македонски Концепт бара резолуција за осуда на комунизмот и закон за забрана на неговите симболи
Централниот комитет на Македонски Концепт повика на донесување Резолуција за осуда на комунизмот и Закон за забрана на комунистичките симболи и тоталитарната идеологија, наведувајќи дека вакви чекори веќе презеле Полска и Чешка, кои со закон ја изедначиле комунистичката со нацистичката пропаганда.
Од партијата посочуваат дека тие земји претставуваат патоказ за целосна интеграција во Европската Унија и сметаат дека исто законско решение треба да донесе и Македонија. Како прв чекор се предлага усвојување резолуција во Собранието, а потоа и закон со кој, како што наведуваат, би се затворила правната празнина што овозможувала глорификација на тоталитарен режим.
Во соопштението се наведува дека со законското решение би се спречиле, како што велат, обидите за рехабилитација на комунистичкото минато и негова политичка злоупотреба. Македонски Концепт бара криминализација и забрана на јавната употреба на комунистички симболи, како и третирање на говори и собири кои поттикнуваат омраза или сузбивање на човековите права на ист начин како и нацистичката идеологија.
Дополнително, од партијата бараат забрана за финансирање движења и политички субјекти кои, според нив, промовираат тоталитарни идеи, како и официјално признавање на криминалите извршени од комунистичкиот режим во Македонија. Во текстот се споменува и барање за конфискација на економските и политичките привилегии стекнати во периодот на тој режим.
Од Македонски Концепт оценуваат дека тврдењата на левичарските структури оти ваквите иницијативи се напад врз демократијата претставуваат, како што наведуваат, избегнување на соочување со минатото, додавајќи дека демократијата се заштитува со јасно разграничување меѓу политички дијалог и глорификација на тоталитарни режими.
Македонија
Облачно со дожд и засилен јужен ветер, заладување кон крајот на неделата
Времето денес ќе биде облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а наместа засилен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 3 до 9 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 6 до 14 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со услови за повремен дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на нестабилна воздушна маса, до крајот на неделата времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе надминат 20 литри на метар квадратен. До среда ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец.
Во четврток и петок ветерот ќе го промени правецот во северен, што ќе услови пад на температурите.

