Македонија
СДСМ: Неисправните „ер трактори“ и полициските хеликоптери се резултат на негрижата на ВМРО-ДПМНЕ
Од СДСМ велат дека навистина е голема среќа што заврна дожд и што ќе ги изгасне пожарите. Инаку моменталната ситуација е катастрофална.
Два од трите ер-трактори, како што појаснуваат, не се исправни а во исто време и два полициски хеликоптери кои се опремени за гаснење на пожари се во дефект.
СДСМ, додаваат од партијата, остро ја осудува оваа катастрофална ситуација која е резултат на негрижата и неспособност на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Повторно ли е СДСМ крив што не ги сервисирале ертракторите и хеликоптерите на време?
Ова не е случаен пропуст, туку јасен показател за односот кон кризата со пожарите на ВМРО-ДПМНЕ.
Изгореа преку 8% од територијата на државата а ВМРО-ДПМНЕ се фокусира на лаги, манипулации и политикантство наместо сериозно да се бори со кризата и да работи“, истакнуваат од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерот за европски прашања, Муртезани, назначен за главен преговарач со ЕУ
На денешната седница на Владата, министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, беше назначен за главен преговарач со Европската Унија за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, а за заменик на главниот преговарач е назначена заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков.
На оваа седница исто така беше задолжено Министерството за европски прашања да подготви нова одлука за воспоставување структура за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Македонија
Тошковски на конференција во рамките на Берлинскиот процес: неопходна е координација за справување со илегалната миграција
Денеска делегација предводена од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски учествува на конференција на министри за внатрешни работи во рамки на Берлинскиот процес, која се одржува во Берлин, Сојузна Република Германија.
Одбележувајќи ја десетгодишнината од постоењето на оваа иницијатива, беше истакнато дека регионот на Западен Балкан живее историски моментум во однос на неговата европска перспектива, а токму Берлинскиот процес може да постигне синергија на индивидуалните напори на шесте земји од Западен Балкан како механизам за подготовка за пристапување кон ЕУ.
Во рамки на сесијата посветена на борбата против нерегуларна миграција како и нелегално криумчарење мигранти, министерот Тошковски истакна дека миграцијата и миграциските движења веќе подолго време се еден од главните предизвици, не само за регионот на Западен Балкан, туку и за Европа и дека е неопходна координација на сите постоечки иницијативи и мерки за справување со илегалната миграција, криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе, и тоа не само од страна и во регионот на Западен Балкан, туку и на ниво на Европската унија и нашите меѓународни партнери.
Во обраќањето во рамки на сесијата за борба против организиран криминал, Тошковски подвлече дека без оглед дали станува збор за организиран криминал, трговија со луѓе, илегални миграции, трговија со наркотици, навистина е важна секоја иницијатива за регионално поврзување во борбата против организираниот криминал и брзата размена на информации меѓу службите. Во таа заедничка борба против организираниот криминал, а особено кога станува збор за следењето на парите и финансиските структури на организираните криминални групи, од есенцијална важност е да се интегрираат сите надлежни институции, развивајќи на тој начин систем за рано предупредување како моќна алатка во борбата против организираниот криминал и другите незаконски активности.
Македонија
Филков – Солдатов: изразена подготвеност за продолжување на соработката во областа на бесплатната правна помош, зајакнување на капацитетите на затворскиот систем, економскиот криминал
Министерот за правда Игор Филков оствари средба со раководителот на Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје, Олег Солдатов и претставници од Програмската канцеларија на Совет на Европа.
На средбата се дискутираше за соработката на Министерството за правда за проектите кои се имплементираат во рамките на канцеларијата на Советот на Европа во Скопје, а се поврзани со работата на Министерството за правда.
Министерот за правда изрази подготвеност да се продолжи со интензивна соработка во областа на бесплатната правна помош, зајакнување на капацитетите на затворскиот систем, слободата на изразување и медиумите, борбата против трговијата со луѓе, економскиот криминал , борбата против говорот на омраза, нетолеранцијата и дискриминацијата.
Министерот истакна дека соработката и поддршката на Советот на Европа е исклучително важна и значајна , сите области ќе бидат опфатени подеднакво и ќе се пристапи со заедничка соработка за успешно реализирање.