Македонија
СДСМ: Не успеа сценариото на агентите на хаосот, Мицкоски, Апасиев и ВМРО-ДПМНЕ

Институциите на системот денеска не дозволија да успее сценариото на оние кои не и мислат добро на земјата и сакаат на било каков начин да создадат тензии, судири а со тоа да и наштетат, соопшти СДСМ.
„ Покрај сите предизвици, денеска достоинствено и гордо се оддаде почит за ликот и делото на македонскиот великан, визионер, револуционер, Гоце Делчев. Граѓаните и државата не дозволија да се погази придонесот и значењето на Делчев, не дозволи да се повреди националната гордост и чувства на македонскиот народ , не дозволи злоупотреби за политичките валканици на агентите на хаосот.
Пропаднаа обидите на Мицкоски, Апасиев и ВМРО-ДПМНЕ, заедно со нивните истомисленици од другата страна на границата и бугарското ВМРО. Хаосот на којшто работеа не се случи.
Им благодариме на сите граѓани за нивниот придонес, покажаниот разум, свест и чувство за државност, како и на сите надлежни институции, безбедносни служби и партнерски организации.
ВМРО-ДПМНЕ е прочитана. Ќе остане запаметено дека лажните патриоти од ВМРО-ДПМНЕ и заложникот на Апасиев, Христијан Мицкоски, се обидоа да го поделат народот и денеска, да го извалкаат делото на Делчев и тоа не им успеа. Идеалите на Делчев се многу поголеми и посилни.
Сега е важно да продолжиме по вистинскиот, европскиот пат на единство и сплотеност за државните и национални интереси“ порачаа од владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) „Зошто досега не се употребени хермелините“, прашува градоначалникот на Чучер Сандево, општината прогласи вонредна состојба

Општината Чучер Сандево прогласи вонредна состојба поради пожарите, објави градоначалникот појаснувајќи дека одлуката била донесена на денешната седница на општината.
Како што истакна градоначалникот Сашко Комненовиќ ситуацијата се уште е загрижувачка и опасна поради пожарот кој избувна помеѓу селата Блаце и Чучер Сандево, се до село Кучевиште.
„Ситуацијата е сериозна, динамична и бара постојано вклучување на сите расположиви ресурси. Пожарот зафати густа, нискостеблеста и мешана шума на многу непристапен терен“, вели тој.
Појаснува дека и силниот ветер го отежнува гаснењето на пожарот.
„Она што ме загрижува и што сакам да го алармирам е тоа дека забележувам спора реакција од надлежните институции во однос на гаснењето на пожарот. Во вакви моменти секоја минута е важна и пресудна”, рече тој.
Градоначалникот потсети дека вчера Владата презентираше некаква подготвеност за справување со пожарите со хермелините.
„Зошто досега не се употребени. Јас забележав само еден. Од вчера до сега се уште да не се стави под контрола пожарот кај Блаце и цело Чучер Сандево. Во моментов имаме три активни пожари. Аалрмирам на итна мобилизација. Како градоначалник на општината имам должност да се грижам за безбедноста на жителите“, потенцира тој.
Македонија
Наизменично се пропуштаат возила од и кон граничниот премин Блаце

Министерството за внатрешни работи известува дека почна наизменично пропуштање на возила на патниот правец Стенковец-ГП Блаце, во едниот, па во другиот правец.
Од таму апелираат до граѓаните, доколку тоа не е неопходно, да не тргнуваат кон ГП Блаце, се до целосно нормализирање на сообраќајот, односно целосно гасење на пожарот во близина на патот.
Македонија
Чад се шири од неколку места во подножјето на Скопска Црна Гора, Ангелов смирува: Нема опасност за куќите во Чучер

Големи облаци чад се шират од неколку места во подножјето на Скопска Црна Гора. Забележливи се и од градските улици во Скопје, но сосема јасно се гледа каде чади од скопската обиколница, посебно од делот кај Волково.
Освен пожарот кој избувна синоќа над магистралниот пат кон Блаце во близина на Скопје, чад се крева од повисоки делови.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојаче Ангелов, попладневно од Чучер-Сандево испрати видеопорака во која вели дека нема опасност за куќите.
„Се наоѓаме веднаш над селото Чучер кое што е делумно загрозено од пожарот што избувна вчера во попладневните часови, но во овој момент, од она што можам да го видам нема реална опасност по околните куќи иако има неколку куќи кои се буквално во шума. Благодарение на храбрите локални жители и благодарение на две екипи на скопската Бригада за противпожарна заштита и една екипа на Национални шуми, во овој момент нема опасност за селото и нема потреба за ширење паника. Паниката не ни помага“, рече директорот Англеов.
Тој се заблагодари на локалното население кое активно се вклучило во гасењето на пожарот покрај пожарникарите. Кажа дека манастирот Св. Никита, за кој на социјалните медиуми се ширеа вести дека е загрозен, е далеку од огнот. Ангелов вели дека дури и да почне да се шири огнот натака, ќе му требаат неколку часа за да стигне до манастирот, а на терен има и пожарникари и локално население.
„Пред малку беше ужасно, сега моментално е малку смирено. Моментално нема опасност за селото. Опасно беше над манастирот и во регионот каде што се викендиците“, вели локалецот Љубиша Стојковски кој го гаснел пожарот.
Додека тие зборуваа се слушнаа неколку експлозии за кои Стојковски објасни дека доаѓаат од сртот на планината каде што е забрането да одат луѓе.
Се уште се шири и пожарот кај Блаце кој избувна вчера, а попладнево Министерството за внатрешни работи целосно го сопре сообраќајот во делот Стенковец – граничен премин Блаце и го затвори граничниот премин.