Македонија
СДСМ: Нова бетонизација во Лисиче во режија на ВМРО ДПМНЕ

Кога ВМРО-ДПМНЕ ја има локалната власт, тоа значи игнорирање на потребите на граѓаните и уназадување на општините, бетонизација и сомнителни урбанистички планови, оценуваат од СДСМ.
Додаваат дека со новиот детален урбанистички план на општина Аеродром, ВМРО-ДПМНЕ и Тимчо Муцунски во Лисиче запишаа и пет катастарски парцели, на кои дозволуваат да никнат десетина висококатници.
„Парцелите во Лисиче со површина од над 1000 метри квардатни, биле купени од инвеститори, како ниви, пред носењето на урбанистичкиот план. Сомневања за корупција отвораат прашањата како инвеститорите знаеле кои парцели ќе добијат маркици за згради високи и до 10 ката, како знаеле дека општината ќе одобри градежен бум, на ниви, во дел каде што има куќи. Граѓаните се разочарани, реагираат поради носењето на планот речиси зад нивниот грб и бараат одговори зошто во Лисиче, каде аерозагаденоста континуирано урива рекорди, ВМРО-ДПМНЕ дозволува да никне висок бетонски појас згради“, е наведено во информацијата од СДСМ.
Оценуваат дека наместо поквалитетни услови за живот, зеленило и мега паркови, граѓаните од ВМРО-ДПМНЕ добиваат бетонизација и загадување а градоначалникот Муцунски и локлната власт на ВМРО-ДПМНЕ, според нив, ја изиграа довербата на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во МНР формиран кризен штаб достапен 24 часа за македонските државјани од Израел и Иран

Согласно влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите државјани на Македонија кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран, доколку им е потребна конзуларна помош, веднаш да стапат во контакт со надлежните институции преку дежурните (СОС) телефонски броеви.
Воедно, како што стои во соопштението на Министерството, се апелира до сите државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба.
За помош и асистенција, граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив – Тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546 Е-пошта: [email protected].
Понатаму, Министерство за надворешни работи и надворешна трговија Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736, Е-пошта: [email protected].
Оттаму додаваат дека во рамки на Министерството е формиран кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција.
-На крај, уште еднаш ги повикуваме нашите државјани кои се наоѓаат во погодените региони, доколку им е потребна конзуларна помош, без одложување да се обратат на наведените СОС контакти, стои во соопштението на МНРиНТ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ вели дека економијата се стабилизира од пустошот и хаосот кој го остави СДСМ

Економијата се стабилизира од пустошот и хаосот кој го остави СДСМ после 7 години катастрофално менаџирање, лоши економски политики и отсуство на мерки и проекти, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„После 7 години откако СДС ја уништи економијата и го срози стандардот на граѓаните, од голем минус стопанството и трговијата во индустријата се стабилизираа. Индикаторите за првиот месец од вториот квартал се високи, што покажува дека состојбата е стабилизирана во рамките на нула. Имаме раст на трговијата во индустријата од 6%, раст на преработувачката индустрија од 6,6%. Раст на прометот со трговијата во индустријата на меѓународниот пазар, каде имаме многу повеќе раст од домашниот. Прометот во трговијата во индустријата надвор е околу 7,5 – 7,6 проценти. За краток период Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ исто така успеа да ги стабилизира буџетските приходи, и енормно да ја зголеми довербата на инвеститорите. Владата работи посветено со домаќински скроен буџет, се зголемија платите во клучни сектори како здравство, образование, полиција, се работи на конкретни мерки и проекти за намалување на невработеноста со цел подобар и поквалитетен живот на граѓаните“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Денес протест пред МВР поради одложеното рочиште за убиството на кучето Феликс

Денеска пред Министерството за внатрешни работи во 12 часот ќе се одржи протест поради одложеното рочиште за убиството на кучето Феликс.
Протестот го организира граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ заедно со активистички здруженија и групи за заштита на животните од држава.
-На 15 јуни во 12 часот ве повикуваме на мирен, но гласен и масовен протестен марш што ќе започне пред Министерството за внатрешни работи! Кога едно убиство — најтежок облик на кривично дело — останува неказнето, тоа е тешка повреда на правниот и на моралниот поредок во целото општество. Кога убиец останува на слобода се губи доверба во институциите (полиција, обвинителство, судство), се праќа порака дека животот нема вредност, се поттикнува култура на страв и молчење, наместо правда и одговорност, а насилството се нормализира! Кога нема казна, има повторување! Правдата не е избор, туку обврска на секое демократско и хумано општество! Феликс — симбол на добрината, верноста и кроткоста — беше брутално убиен. Феликс не беше само уште едно бездомно куче, не беше само уште една несреќна жртва! Неговото убиство не смее да помине неказнето! Правдата не дискриминира по вид. Живот е живот! Судот мора да изрече затворска казна ако сакаме и најмал зрак на надеж дека слични дела нема да се повторуваат во иднина!, велат од здруженијата.
Здруженијата бараат итно расчистување на случајот и максимална затворска казна за сторителот Љубе Крстевски како и за неговиот соучесник Бранко Билбиловски, воведување минимум од една година задолжителна затворска казна за кривичното дело убиство и мачење животни од Кривичниот законик, формирање локални (општински служби за заштита на животните), донесување закон за Комунална полиција (со полиција за животни), превентивни мерки за редуцирање на насилството врз животните и системска едукација.