Македонија
СДСМ: Обезбедувањето на Мицкоски тепа полицајци, а пратениците на ДПМНЕ блокираат закони за вработените во МВР
Додека надвор од Собранието обезбедувањето на Мицкоски тепа полицајци, внатре, пратениците на ДПМНЕ блокираат закони со кои се овозможува решавање на станбените прашања за вработните во МВР и безбедносните служби, велат од СДСМ.
„ДПМНЕ го блокира Законот за продажба на станови во државна сопственост доделени на користење на вработените во Министерството за внатрешни работи и безбедносните служби. Иако овој закон е пуштен во собраниска процедура уште на 06.07.2021 година, блокиран е во Комисијата за финансирање и буџет, од страна на претседателот на комисијата од ДПМНЕ Бојан Стојановски. Со овој закон се дава можност државните станови доделени на користење на лица кои се вработени во МВР и безбедносно-разузнавачките служби, како и на лица кои стекнале право на пензија во МВР, да ги откупат и трајно да го решат своето станбено прашање“, посочуваат од партијата.
Според нив, ДПМНЕ во македонското Собрание со активна блокада работи против интересот на граѓаните и против интересите на вработените во МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Голем одрон кај село Ратево, магла на патниот правец Тетово – Гостивар
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај село Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Тетово – Гостивар до 70 метри, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода денеска објектите на хотел Континентал и Ист Гејт
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач на булеварот Александар Македонски бб (кај Континентал), прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на хотел Континентал и Ист Гејт.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремен дожд, а на планините снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе дува слаб ветер од променлив превец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во недела кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места. Од понеделник во текот на денот ќе настапи постепено стабилизирање на времето со опаѓање на утринските температури, а дневните ќе бидат во пораст.

