Македонија
СДСМ: Од Мицкоски извираат истите зборови на Никола Груевски, полни со црнила, деструкција, навреди
Вечерва, јавноста, граѓаните, слушнаа уште едно празно, бледо, конфузно и повторувачко обраќање на Христијан Мицкоски. Ништо ново. Мицкоски нема идеја, нема концепт, визија, нема конректна програма, нема ништо добро за граѓаните, порачаа од СДСМ по говорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на вечерниот протест.
„Деструкции, блокади, црнила, темнина и одбрана на криминалот се единствените нешта во црниот свет на Мицкоски.
Истите зборови на Никола Груевски, полни со црнила, деструкција, навреди, извираат од Мицкоски. Како некоја стара, излитена, расипана плоча.
Ниските обиди да ги омаловажи луѓето за нивниот физички раст ги покажа комплексите што Мицкоски во текот на годините сам си ги наметнал во обид да биде ист како Груевски.
Нервозниот Мицкоски до толку се загуби во набројувањето новогодишни желби што побара да се повлечат мерките против загадувањето, проблем што цела деценија беше игнориран токму од неговата ВМРО-ДПМНЕ.
Залудни се обидите на Мицкоски преку протести за одбрана на криминалот и преку нереални барања за оставки да ја врати Македонија во темното минато на криминал, корупција и изолација.
Граѓаните ги поразија погубните антидржавни политики на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски и на Мицкоски.
Македонија оди напред кон иднина во ЕУ и НАТО и враќање назад нема, Мицкоски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ остануваат сами и изолирани во одбраната на криминалот“, се наведува во соопштението на партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Нокаут“ ќе ги забавува битолчани за Нова Година
Општина Битола одлучи да нема огномет на прославата на дочекот на Новата година.
Со ова, општината се приклучува кон другите општини кои, исто така, одлучија на прославите за дочекот на новата година да нема огномети и заради барањата на поедини здруженија на граѓани.
Организираниот дочек како и изминатите години ќе биде на платото на Офицерскиот дом, каде ќе има музичка програма која е дел од „Зимската приказна“.
На последниот ден од годината дневната програма ќе започне во 11:00 часот на платото на Офицерскиот дом, а од 12:00 часот во Старата чаршија.
Вечерната програма пред Офицерскиот дом ќе биде од 20:30. На почеток забава со Борче Наумовски, потоа „Кабаре за раѓањето и вечноста“, „Баркод бенд“ и од 23:00 до 1:00 часот по полноќ со групата „Нокаут“.
Македонија
Електродистрибуција со засилено отчитување за празниците
Во насока на обезбедување на поголемо отчитување во најоптоварениот период од годината и задоволување на потребите на корисниците, Електродистрибуција ќе реализира засилени активности за отчитување на мерните уреди во првата недела од јануари 2026 година.
Во наведениот период, дополнително, дел од активностите за отчитување ќе се реализираат прекувремено, како и за време на викендите и празничните денови.
„Во реализација на овие активности ќе се применува целосниот процес на отчитување, кој вклучува обработка, валидација и безбеден пренос на податоците во системите на компанијата, со што се обезбедува навремено и точно фактурирање на потрошувачката на електрична енергија за секој поединечен корисник“, велат од Електродистрибуција.
Македонија
Објавен конкурсот за доделување на Државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година
Министерството за образование и наука го објави конкурсот за додeлување на Државната награда „Гоце Делчев“, со која се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на државата. Наградата во 2026 година се доделува за научно остварување објавено во 2025 година. Наградата се доделува на поединци или на група автори од земјата или од странство.
Право на конкурирање имаат дела од еден автор или група автори што се одделно објавени, рецензирани и каталогизирани. За датумот на објавувањето се смета датумот што е објавен во каталогизацијата на публикацијата (ЦИП). Право на конкурирање немаат остварувања објавени во стручни и научни списанија со импакт фактор, како и поглавја или делови од книги.
Поединец или иста група автори може да биде добитник на наградата во истата област само еднаш. Член од група автори може како поединец да биде добитник на наградата за друга книга или дело во истата област. Предлози за доделување на наградата можат да поднесат: установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани.
Конкурсот за доделување на Државната награда „Гоце Делчев“, може да се види на следниот линк.
Предлозите за доделување на наградата и примероците од научните остварувања треба бидат поднесени од 29.12.2025 до 13.02.2026 година, до Министерство за образование и наука – Одбор за доделување на наградата “Гоце Делчев” 1000 Скопје,“Kирил и Методиј” бр. 54.

