Македонија
СДСМ: Освен заложник на Апасиев, Мицкоски е политичар со најмногу промашени изјави
Според партијата на власт, Христијан Мицкоски, заложникот на Апасиев, е политичар со најмногу промашени изјави, политичар без став и визија, кому не може да му се верува.
„Мицкоски тврдеше дека до крајот на јануари ќе има 61 пратеник за распуштање на Собранието, дека се вршат притисоци врз пратениците. Мицкоски нема 61 пратеник, нема распуштање на Собранието, туку парламентарното мнозинство ќе биде поголемо од тоа што е денес, како што се случи и пред една година кога најавуваше дека има парламентарно мнозинство. Од друга страна, Христијан Мицкоски покажа целосно непознавање за енергетиката. Мицкоски ширеше паника кај граѓаните дека за оваа зима нема да има доволно електрична енергија и енергенти, дека ќе има рестрикции, дека цената на електричната енергија драстично ќе се зголеми“, истакнуваат од СДСМ.
Оценуваат дека денес, првпат во 70 години, со полн капацитет работат сите енергетски постројки во државата и задоволуваат 100 проценти од потребите. Првпат среде зима се врши и извоз на вишоци електрична енергија од домашно производство.
Цената на струјата, додаваат од СДСМ, е намалена 20 отсто за речиси 70.000 мали компании кои се на регулираниот пазар, а 99,2 отсто од домаќинствата немаат зголемени цени на електричната енергија.
„Мицкоски го лажеше народот дека со прифаќањето на европскиот предлог, ќе следува асимилација и бугаризација, лажеше дека македонскиот јазик ќе бил прогласен за бугарски дијалект, дека нема да почнеме преговори со ЕУ. Преговорите почнаа, и тоа со заштитен идентитет и јазик.
На Христијан Мицкоски, заложникот на Димитар Апасиев, не може да му се верува, сè што кажа промаши, се наведува во соопштението од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Кејот на Вардар ќе добие нов лик
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вчера вечер, преку социјалните мрежи порача дека кејот на Вардар ќе добие нов лик.
Тој заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, изврши обиколка на кејот на реката Вардар.
„Од утре официјално започнуваме со реконструкција на спортските терени, со што овој простор ќе прерасне во современ спортско-рекреативен центар отворен за сите генерации.
Кејот ќе добие нови и целосно реконструирани терени за фудбал, одбојка и баскет, нова урбана опрема, како и модерни фитнес зони на отворено, достапни за секој граѓанин.
Со проектот се опфатени и спортските терени во Маџир Маало, кои исто така ќе бидат унапредени и ставени во функција на заедницата“, напиша Ѓорѓиевски.
Македонија
Претпладне претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта врнежи од дожд и снег
Претпладне претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголеми и најпрвин во западните делови, а потоа насекаде ќе има врнежи од дожд, а на повисоките планини слаб снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од слаб снег. Во петок и недела ќе преовладува претежно облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег, а во сабота и понеделник ќе биде променливо облачно.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф 80 мм на улицата Мирослав Крлежа бр.54, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Мирослав Крлежа во општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.

