Македонија
СДСМ: После лагите за мигранти, бугаризација, асимилација, сега нова глупост од ВМРО-ДПМНЕ
Долга и широка е листата на лаги и небулози што ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ги ширеа само и само да го попречат напредокот на државата, велат од СДСМ.
„Лажеа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дека македонскиот јазик ќе станел бугарски дијалект, лажеа дека ќе имало асимилација и бугаризација со прифаќањето на европскиот предлог за почеток на преговорите со ЕУ. Претходно лажеа дека ќе се граделе станови и кампови за мигранти, а лажни вести ширеа и додека државата како и целиот свет се соочуваше со невидена здравствена криза. Денес, гледаме нови глупости од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за наводно редифинирање на државата со што по кој знае кој пат се обидуваат да внесат нови поделби во македонското општество“, се посочува во нивната реакција.
Стар и повеќе пати виден обид на ВМРО-ДПМНЕ за сеење лаги преку бесмислици што немаат врска со реалноста, оценуваат од партијата на власт.
Со ваквиот однос, ВМРО-ДПМНЕ, како што велат, покажува дека во таа партија се уште ништо не се менува, дека останува како и многу пати до сега на спротивната страна од интересите на држвата и граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.
Македонија
Силните дождови поплавија подруми и гаражи во Охрид
Локални дождови вчера и во текот на ноќта имаше на повеќе места во државата. Регионалниот Центар за управување со кризи (ЦУК) Охрид, известува дека се добиени пријави на граѓани за поплавување на подруми и гаража на две куќи на ул. „Стив Наумов“, во Охрид. Од страна на Општина Охрид е контактирано со ЈП „Нискоградба“ и ЈП „Колекторски систем“ дека колекторскиот систем не можел да ја прими во целост количината на вода која поради обилните врнежи од дожд, бидејќи во тој период на пороен дожд количината вода била голема. За кратко време состојбата е санирана.
Од ЦУК потсетуваат за голема внимателност при појава на локалните нагли метео промени и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења. Препораките се да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Потсетување има и за внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.