Македонија
СДСМ: Бруталниот упад на полицијата во домот на директорката е потврда дека режимот се врати
Бруталниот упад на полицијата во домот на директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар, Маја Лозановска, е уште една потврда дека режимот се врати, велат од СДСМ.
Според нив, ова е сликата на секој режим, полиција ставена во функција на политички притисок и незаконско разрешување на директорка во средно училиште, со единствена цел пред избори да постават партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сега на граѓаните им е кристално јасно зошто беа измените на Законот за полиција и Законот за внатрешни работи кои ги спроведе Панче Тошковски, за целосна партизација на полицијата, политички прогон и злоупотреба во партиски цели на ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата станува продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ, а жртви се граѓаните . Денеска е директорка на средно училиште утре некој друг“, велат од партијата.
СДСМ бара веднаш да престане, како што велат, бруталниот притисок и незаконското разрешување на директорката Маја Лозановска.
„Законите мора да се почитуваат без разлика за кого станува збор. Бараме одговорност од сите кои ја извршуваат оваа незаконска постапка и кои дозволија ставање на полицијата во служба на политички прогон“, велат од СДСМ.
Ваквата реакција доаѓа откако на социјалните мрежи е објавено видео на кое се гледа началник во домот на директорка на училиште во Демир Хисар и вербална расправија меѓу него и синот на жената.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски со осуда за пресудата за новинарката Вејсели која споменала име на судија
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најостро ја осуди пресудата со која новинарката Љиридона Вејсели е казнета поради спомнување на името на судија во новинарско известување, оценувајќи дека станува збор за недозволиво ограничување на слободата на говор и напад врз новинарската професија.
„Не можам да побарам од судијата одговорност, не сум тој што именува судии. Најостро ги осудувам ваквиот тип на ограничување на слободата на говорот. Новинарите треба етички да се однесуваат, да ја информираат јавноста и за тоа да служат, и било кој напад врз новинар, вклучително и овој, најостро го осудувам, без разлика дали е од политичар, јавна личност или судија“, изјави Мицкоски.
Претходно, Обвинителството ја гонело новинарката, а судијката Магдалена Мишоска од Основниот суд во Гостивар ја осудила Вејсели на парична казна од 700 евра за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Пресудата е донесена затоа што во новинарско известување било спомнато името на судијата Назиф Илјази од Основниот суд во Тетово.
Македонија
Досега подигнати се над 45 илјади ваучери за електронски уреди за студенти
Премиерот Христијан Мицкоски денеска исткна дека се подигнати над 45 илјади ваучери од 15.300 денари за студентите на додипломски студии за набавка на електронски уред – лаптоп, таблет или персонален компјутер. Посочи дека искористеноста е околу 99 проценти.
За ваучер од 250 евра од ноември до декември можеа да аплицираат студенти до 29 години, кои имаат запишано семестар во учебната 2025/2026 на додипломски студии на државните или приватните факултети.
– Отприлика 45.000 – 45.600 ваучери се подигнати, а околу 99 проценти и повеќе се искористени. Околу 44.5 илјади се искористени. Како Влада изминативе 20-ина месеци сме ги регулирале сите односи со сите структури од општеството на кои Владата треба да им излезе во пресрет – на студентите им се покачени стипендиите, се реновираат студентските домови и ученичките домови, се обезбедуваат 15.300 денари за електронски уреди. Дали тоа е доволно? Не. Можеби треба повеќе, но толку можеме во моментов. Порано ни тоа не било. За сите, без да ограничиме дали се студенти на државни или на приватни универзитети. Пораснаа пензиите линеарно, сега во април 7 илјади денари, нешто што досега не било овозможено, рече Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Тетово.
Премиерот нагласи дека комуникацијата на Владата со сите целни групи е на високо ниво и досега, рече, немало толку голема испорака од ниту една Влада,
-Буквално со сите целни групи со кои Владата комуницира и со кои држи релација, навистина имаме односи кои никогаш порано не биле на толку високо ниво и немало толку голема испорака со ниту една Влада. Оваа Влада тоа го направи за само 20 месеци. Дали е доволно? Не. Треба повеќе? Треба. Се сложувам, секогаш треба повеќе. Но, дали е подобро од порано? Можам да кажам дека неколку пати е подобро, рече Мицкоски.
Македонија
Во текот на ноќта и утре повремени врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Како што соопшти УХМР, пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата – над 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места.
Во Скопје во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. На околните планини врнежите ќе бидат од дожд и снег.

