Македонија
СДСМ: Тошковски да не го заташкува случајот со постапувањето на полицијата во Демир Хисар
Социјалдеморкатскиот сојуз на Македонија (СДСМ) бара Обвинителството да постапи и да го испита постапувањето на полицијата во Демир Хисар за време на претресот во домот на директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“, Маја Лозановска, конкретно за постапката на началникот кој барал таа да биде одведена на разговор во полициска станица иако за тоа не постоел обвинителен налог.
Партијата бара министерот Панче Тошковски да не го заташкува случајот со најавата дека постапувањето на полицијата е предмет на истрага на внатрешната контрола при МВР и бара началникот да биде разрешен, а МВР да му поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
„Откако Обвинителството вчера јасно потврди дека немало наредба ниту налог за приведување на директорката, денес бараме Обвинителството итно да покрене постапка за кривична одговорност на партискиот послушник – началникот Роберт Мартиновски. Целиот случај со прогонот на Лозановска мора да биде санкциониран. Одговорност мора да понесе и Панче Тошковски затоа што тој е виновен за началниците кои ги назначува“, велат од СДСМ.
Опозиционерите обвинија дека началникот во Демир Хисар е човек на Тошковски и е поставен на оваа позиција од првиот ден на неговото доаѓање на министерската функција, и дека, како што велат, очигледно е ударната тупаница на ВМРО-ДПМНЕ за заплашување и малтретирање на граѓаните пред избори.
„Инспекторот Ѓорѓи Митревски, кој бил унапреден истиот ден кога се случил настанот, наместо да раководи со претресот, му дозволил на Мартиновски да го преземе водењето. Прашуваме – по чиј налог? Дали по налог на некој близок до Тошковски за да се врши терор? Што уште треба да се случи за Тошковски да понесе одговорност за распадот и злоупотребите што ги прави полицијата? Дали со тоа потврдува дека овој случај е под негов диктат? Дали ќе се огради директно од Мартиновски и ќе покрене кривична постапка против својот началник?“, додаваат од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

