Македонија
СДС веднаш да го прифати нашиот предлог за продолжување на важноста на пасошите и да ги ослободи граѓаните од државен притвор, велат од ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ оценува дека СДС создаде вистински хаос во државата.
Според оваа партија, владата на СДС и ДУИ во домашен притвор стави над 600.000 граѓани, а на над стотици илјади граѓани им го загрози престојот во странство.
„И наместо да го прифатат предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за продолжување на важноста на пасошите, СДС тера инат на сметка на граѓаните. Инатот на СДС ќе биде казнет на изборите. СДС ќе доживее дебакл за сите неправди, неуспеси и порази кои им ги приреди на граѓаните изминатите 7 години. И додека граѓаните буквално се во домашен притвор, СДС дополнително прави фешта со тоа што додека го кочи законот и не го поддржува за продолжувањето на пасошите, го испраќа заменик дополнителниот министер за внатрешни работи Митко Бојмацелиев да тера пи-ар на пречек на обрасците кои требаше да пристигнат многу порано. Доколку СДС се грижеше за народот веднаш ќе ги ослободеше граѓаните од притвор и ќе го прифатеше предлогот на ВМРО-ДПМНЕ“, се истакнува во нивниот допис.
Им порачуваат на СДС, да се вразумат и надминат себеси и веднаш да го прифатат предлог законското решение на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи како што велат, само така имаат шанса да помогнат и да стават крај на хаосот кои самите тие го создадоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.