Македонија
Села и Гаши: Нема согласност за датум за избори, македонските партии имаат забарикадирани ставови
Лидерите на Алијанса за Албанците, Зијадин Села и на Алтернатива, Африм Гаши, посочија дека нема договор на лидерската средба бидејќи СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не можеле да ги усогласат ставовите за изборите.
Села по средбата кажа дека за нив е прифатливо изборите да бидат на 16 јуни, а повикува да се оди на избори со консензуален датум. Села вели дека не е вистина дека само ВМРО-ДПМНЕ се спротивставил на датумот за избори кон крајот на јуни.
Тој предложил, лидерите на политичките партии да се сретнат откако ќе биде укината вонредната состојба, но не одговори дали ќе ги блокираат изборите доколку роковите течат по укинување на вонредната состојба.
„Ставовите на двете македонски партии се барикадирани во врска со изборите, едната е за избори на крајот од јуни, другата е за крајот на август и почетокот на септември. Ние бевме усогласени денес да добиеме документи од три институции, од Комисијата за заразни болести, ДИК и ОБСЕ/ОДХР. Суштината на трите документи е што, документот од Комисијата за заразни болести вели дека ситуацијата со коронавирусот оди кон подобрување, но сепак опасноста на граѓаните е повторно висока, додека, констатацијата на ДИК е дека тие не можат да ги спроведат изборите во рок од 22 дена по завршувањето на вонредната состојба, а одговорот од ОБСЕ/ОДИХР беше дека можат да учествуваат како набљудувачи на овие избори, но треба да се определи датум и да се имаат во предвид здравствените протоколи, како и за протоколите на границите. Со други зборови, додека границите се затворени, тие немаат одговор. Во овој период, ќе може да присуствува набљудувачката мисија. Исто така, ДИК ќе има можност да ги отвори списоците за граѓаните кои наполниле 18 години и тие да имаат право не само да изберат, туку и да бидат избрани. Но, за жал денес не можевме да се усогласиме. Повикувам сите да одиме со заеднички датум, со консензус за сите политички партии“, рече Зијадин Села по лидерската средба.
Африм Гаши, пак, рече дека се надева дека во наредните денови ќе се одржи нова средба, за да се определи датум за избори со консензус.
„Ставовите на македонските партии, позиција и опозиција, беа далечни. Едните беа за избори во јуни, а другите за избори на почетокот на септември. Тие не ја надминаа оваа барикада, а ако ја надминаа, тоа ќе беше датумот кој ние го договоривме, односно крајот на јули. Се надевам дека во наредните денови ќе имаме средби, за да определиме датум за избори, со консензус, но исто така, треба да имаме во превид дека треба да има институции во државата, но здравјето на граѓаните да не биде во опасност на денот на изборите. Јас ќе ви кажам дека и самиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, ќе даде изјава, но можам да ви кажам дека тие беа за избори кон крајот на август и почетокот на септември, затоа немаше доближување до ставовите на СДСМ“, рече Африм Гаши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

