Македонија
СЕММ: Половина од прекршувањата на кодексот на новинари се за неточно информирање
До Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) во текот на 2025 година беа поднесени 244 жалби за медиумски содржини, што е рекорден број претставки за една година.
Од нив, 96 се разгледани од Комисијата за жалби и се донесени 47 одлуки (за членови на СЕММ) и 43 мислења (за медиуми што не се членови на СЕММ).
„За 145 претставки е оценето дека немаат основа за разледување поради поминат рок, непознат жалител или, пак, се однесуваат на странски медиуми за што Комисијата за жалби при СЕММ нема надлежност. Најголем број од жалбите без основа за разгледување (преку 130) се однесуваа за медиумското известување за трагедијата во Кочани, главно за странски портали и телевизии. Сите стигнаа во интервал од само неколку часа, на 21 март 2025 година, што претставува уникатен случај во досегашната работа на медиумското саморегулаторно тело“, соопшти СЕММ.
Од разгледаните претставки, прекршување на Кодексот на новинари е утврдено во 58 жалби, додека во 32 жалби е утврдено дека нема прекршувања на професионалните и етички новинарски стандарди. Шест жалби се решени по пат на медијација или со т.н „пријателско решение“ меѓу жалителот и медиумот.
Најчестите подносители на жалби, со основа за да бидат разгледани, (36), се во групата „политичари, носители на јавни функции и јавни институции“. 25 жалби се поднесени од граѓани, 22 – од организации и здруженија од граѓанскиот сектор, 6 – од медиуми или новинари, 6 – од политички партии, додека жалители од други категории имаат поднесено уште 4 жалби.
И во 2025, како и во претходните години, жалителите главно се поплакуваа на содржини објавени на интернет порталите – дури 78 од разгледаните 96 жалби. На печатените изданија и нивното веб-издание се однесуваат 11 жалби, на веб-страниците на телевизиите – 6 жалби и една жалба е за телевизиска содржина.
Најчесто прекршувано правило од Кодексот на новинари на Македонија и во 2025 година според статистиката на СЕММ е Членот 1 кој од новинарот бара да објавува точни и проверени информации, со застапеност на втората страна. Потоа, според честотата на прекршување следува Членот 3 – кој вели дека „новинарот ќе настојува да објави исправка, демант или одговор кога ќе биде утврдена неточност на информацијата“. На третото место според бројот на прекршувања е Членот 10 од Кодексот – кој од новинарот бара да не создава ниту преарботува говор на омраза или дискриминација по која било основа.
„Прегледот на статистичките бројки и трендови укажува на тоа дека расте довербата во медиумската саморегулација, односно дека се повеќе индивидуалци и организации ја користат алатката за поднесување жалба – како сопствен придонес за поквалитетни медиумски содржини и одговорно новинарство“, велат од Советот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

