Македонија
СЕП: Не добивме пари од ЕУ зашто не направивме доволно расходи
Секретаријатот за европски прашања соопшти дека во првиот бран од здравствената криза Северна Македонија не направила доволно расходи за да се квалификува за помош преку Фондот за солидарност на ЕУ.
„Поради квалитетното и навремено менаџирање на државните финансии во здравствениот сектор, како и поради брзата и ефикасна организација на државните институции кога беше обезбедена голема количина донации во борбата со Ковид-19 (заштитни средства, маски, медицинска опрема, респиратори итн.), кои не предизвикаа дополнителни расходи за овие потреби, минимумот што беше проектиран од страна на ЕУ за користење средства од Фондот за солидарност не беше постигнат“, стои во образложението на СЕП.
Од таму додаваат дека во април 2020 година Европската Унија одлучила да го прошири опфатот на Фондот за солидарност на ЕУ (ФСЕУ) како резултат на кризата настаната од пандемијата на Ковид-19 и кон земји што не се членки на Унијата. Искористувањето на средствата од овој Фонд, како што велат, зависи од исполнувањето на праговите поставени од страна на Европската Унија во однос на вкупните расходи што земјата во определен период ги има насочено за справување со последиците од Ковид-19.
Велат дека информацијата за начинот за аплицирање за користење на таа помош била разгледана и усвоена на владина седница. Но, по обработката на собраните податоци, доставени од институциите и општините и нивното дополнување со податоци за склучени договори во врска со Ковид-19 достапни на страната на Бирото за јавни набавки, било констатирано дека Македонија не го исполнува основниот предуслов за користење на средствата на европскиот фонд.
„Поддршката од ФСЕУ беше условена со оптоварување врз јавните финансии со минимален праг од 1,5 милијарда евра (цени од 2011 година) или 0,3 % од националниот бруто-доход (БНД) на потенцијалната земја апликант. Во апсолутни бројки, во случајот на Република Северна Македонија, овој праг изнесуваше 30.852.000 евра и тој не беше достигнат, со оглед на тоа дека износот на пријавените итни трошоци од институции/општини изнесуваше 7.670.831 евро.
За финансиска поддршка преку ФСЕУ се квалификуваа расходи во здравствениот сектор настанати или предвидени да настанат во период од 4 (четири) месеци, сметано од датумот кога земјата што аплицира официјално вовела одредени заштитни мерки или, пак, прогласила вонредна состојба, додаваат од СЕП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

