Македонија
Серафимовски: ЗНАМ ќе ги поддржи младите во отворањето на сопствени бизниси
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска промовираше неколку конкретни мерки, економски приоритети, од Програмата на Движењето за парламентарните избори „Прогласот за достоинствена Македонија“.
Мерките на прес конференција ги претстави магистер Борче Серафимовски.
Тој рече дека за да се подигне и помогне претприемачкиот дух кај младите, а воедно и да се охрабрат да отворат сопствени бизниси, како и да го искористат својот интелектуален и професионален капацитет и да ја создаваат својата и иднината на своите семејства во сопствената земја, се предвидува давање на долгорочни кредити за новоформираните компании од страна на млади, чии камати ќе ги субвенционира државата.
Исто така се предвидува и финансиска поддршка за отворање бизниси во руралните средини. Ова, како што рече Серафимовски, со цел да се задржат луѓето во малите места и руралите средини, во кои има недостиг на работна сила поради заминувањааето во поголемите градови или во странство. „Со оваа мерка, додаде тој, – Ќе даваме можност и мотив за повторно рестартирање на потенцијалите и капацитетите на руралните средини во форма на бизниси, а пред се за производство на храна и суровини“.
Движењето ЗНАМ, потенцира Серафимовски, ќе го укине данокот за купување на стан во кој живее сопственикот.
„Со оваа мерка ќе се намалат трошоците во постапката на купување на станови и ќе се мотивираатграѓаните за купување на истите се со цел сите граѓани да имаат свој дом“, рече Серафимовски.
Тој додаде дека во делот на социјалната политика ги издвојуваат пензионерите и ранливите и маргинализираните групи на граѓани за што се предвидуваат следните мерки: Усогласување на минималната пензија со минималната плата, потоа тринаесета пензија на крајот на годината, усогласена со ребалансот на Буџетот,како и усогласување и зголемување на земјоделските и социјалните пензии.
„Првата мерка ќе овоможи оваа категорија на граѓани, со најниски пензии, да има достоинствен и спокоен живот, финансиска стабилност и егзистенцијална независност. Дополнителната пензија за пензионерите ќе биде во форма на субвенција со која истите покрај редовните две квартални зголемување на пензиите ќе добијат и трето годишно зголемување од дополнителни 8.3 проценти, кое ќе произлезе од ребалансот на Буџетот на државата на крајот од годината и пренаменување на средствата дефинирани со закон, наместо како до сега, трошење на истите како непродуктивни трошоци. Со третата мерка се предвидува зголемување на земјоделските и социјалните пензии од 30 проценти, со цел обезбедување на подостоинствен на земјодлеците и подигнување на општиот животен стандард на овие граѓаните и нивните семејства“, рече Серафимовски.
Тој исто така, рече дека со овие мерки Движењето ЗНАМ – За наша Македонија има за цел, враќање на достоинството на народот, економска стабилност на поединецот, семејствата и правните субјекти.
„Ќе го дадеме својот максимум за да ја направиме Македонија подобро место за живеење за сегашните и идни генерации и да ги задржиме младите на своите родни огништа, да бидеме свои на своето“, рече на крајот од прес конференцијата м-р Борче Серафимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Џафери: Груби ниту е Влада, ниту е партија
Ниту Европскиот фронт, ниту ДУИ не повикуваа, ниту мотивираа на бојкот, беше оставено на слободната волја на граѓаните да ја изразат на гласачкото место, кажа премиерот Талат Џафери на денешната прес-конференција.
Во однос на бојкотот на Артан Груби, на вториот круг на претседателските избори, Џафери кажа дека неговиот став е индивидуален и дека не став ниту на Владата, ниту на партијата.
„Индивидуалните ставови не можат да се претставуваат како генерални ставови на субјектот. Груби ниту е Влада, ниту е партија. Јас имав изјава како премиер на избирачкото место и потврдив дека ги земав двете ливчиња и гласав. Индивидуалниот став не е општ став по кој може да се извлече заклучок. Нека си е министер, индивидуа е во однос на Владата, не е став на Владата, ниту на партиски органи. Индивидуално може да каже што сака, тоа е слобода и на мисла и на изразување“, одговори Џафери и додаде дека не може да се повикува на одговорност.
Македонија
Главчев: Се надевам дека Северна Македонија ќе ја продолжи европската перспектива, повеќе нема да правиме отстапки
Се надевам дека Северна Македонија ќе ја продолжи својата европска перспектива. Од наша страна, немаме каде да правиме повеќе отстапки. Згора на тоа, позицијата што ја имаме е паневропска позиција.
Ова го изјави вршителот на должноста премиер на Бугарија, Димитар Главчев по победата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова на претседателските избори во Северна Македонија, јави „БГНЕС“.
„Да почекаме да видиме каква влада ќе се формира во Северна Македонија“, рече привремениот премиер.
Главчев додаде дека Бугарија нема повеќе да прави отстапки во однос на пристапните преговори на РСМ во ЕУ и ставот што го имаат е паневропската позиција.
„На нашите пријатели од Северна Македонија мора да им биде јасно дека ако не ги почитуваат барањата за прифаќање членство во ЕУ, тоа нема да функционира“.
Македонија
Џафери не кажа дали е подготвен да оди во опозиција: Тоа е прашање кое зависи од исходот на преговорите за состав на нова влада
По отчетот за 100 – те дена техничка влада, техничкиот премиер Талат Џафери вели дека е фокусиран на обврските од сегашната влада чиј мандат се уште трае. На новинарско прашање дали е подготвен да оди во опозиција со оглед на неколкуте изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека нема да преговара за коалиција со Демократската унија за интеграција, Џафери не даде конкретен одговор.
„Јас сум премиер и размислувам за мандатот што треба да го завршам. Тоа се прашања на органите на партијата и во тој контекст да завршат преговорите, другото е прашање на исходот од преговорите за состав на нова влада“, рече техничкиот премиер Џафери.
Немаше конкретен одговор ниту на прашањето дали граѓаните треба да очекуваат тој да добие уште еден мандат како премиер оти неговата матична партија е дел од коалицијата која освои 19 пратенички мандати.
„Јас сум фокусиран на обврските на составот на Владата што ја водам, впрочем мандатот на оваа Влада е до избор на нова. Работата на конфигурацијата на новата влада е работа на преговори на политичките субјекти кои што добиле мандати во Собранието по изборите одржани на 8 мај. По тоа прашање треба да се очекува резултат од таму“, рече Џафери.
На парламентарните избори во средата коалицијата „Европски фронт“ на ДУИ освои 19 мандати, а нивниот опонент во албанскиот блок, коалицијата ВЛЕН доби 13 мандати.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кои освоија 58 мандати во Собранието, по изборите кажа дека преговара со ВЛЕН за состав на новата Влада