Македонија
Теранова тврдеше дека бил пратен од Мијалков, а адвокатот кај што бил рече дека нему му се претставил во име на Груевски
Серјожа Марков, сведок во „Плацови на Водно“, негира дека Александар Ивановски-Теранова потпишувал документи во адвокатската канцеларија „Марков-Чукиќ“. Тој спротивно на сведочењето од Ивановски-Теранова рече дека тој немал оставено бланко-потписи. Според Марков, ниту нотар би дозволил да се прифатат бланко-потписи, без странката да биде запознаена со документот што го заверува.
„Алек Теранова ми приложи полномоштво со сите потребни документи за основање домашно друштво со странски капитал. Јас имам адвокатско друштво со повеќе адвокати специјализирани за одредени области. Од моментот кога дојде Алек кај мене во канцеларијата, а инсистираше да биде лично со мене, со тврдење дека не е за на телефон, ми образложи каква правна помош му е потребна, повикав адвокат што работи во областа на статусното право. Тој кога дојде кај мене, забележав ароганција, а пред да ми каже за што се работи рече дека е пратен од премиерот Никола Груевски и дека тоа го работи за него“, рече Марков.
Марков во својство на сведок рече дека Александар Ивановски-Теранова се повикувал на авторитети, односно дека се завршуваат работи за Никола Груевски, тогашен премиер.
„Ми најави дека директор ќе биде Ристо Новачевски, кум на Никола Груевски. Не го познавав лично Новачевски, но ми најави дека ќе дојде во следните денови. Присутна беше адвокатката Менка, ѝ кажав со нејзе да ја видат коресподенцијата. Нејзе ѝ реков директно да го известува Алек Ивановски на писмено. Во наредните денови дојде Ристо Новачевски, јас излегов, се запознав, средбата не траеше повеќе од три минути. При првата средба со Алек Ивановски, имајќи предвид авторитетот, му реков дека услугата ќе биде бесплатна. Но, го замолив да ги плати трошоците, кои, како што се сеќавам, беа за превод, како и нотарските трошоци за заверка. Нотарските не можам да се сетам, мислам ги платија директно кај нотарот, а за преводи, бидејќи не беа платени, а јас добив поплаки, дадов налог да се платат од мојата канцеларија“, рече сведокот.
По ова, Мијалков му поставуваше прашња на сведокот Сержоја Марков.
„Дали можам да заклучам дека сведокот на првата средба не потпиша ништо?“, праша Мијалков, а Серјожа рече: „На првата средба немаше предавање документи. Во целата постапка нема никакво потпишување во нашата канцеларија. Целата документација се заведува преку нотар. Немало што да се потпише, тој дојде без документ. За оваа работа кај мене не се јави никој друг, освен Алек и Ристо“.
Претходно, по тврдењето дека не потпишал никаква одлука поврзана со фирмата „Сирах инженеринг“ и „Сирах лимитед“, освен полномоштвото, адвокатот Сашко Дуковски, бранител на Ристо Новачевски, му предочи на сведокот Александар Ивановски-Теранова и други документи на кои стои неговиот потпис. За нив, сведокот рече дека не ги знае, а дека потписот е негов, најверојатно, оставен на бланко-лист.
„Ќе се согласите дека сте запознаени со одредбите на ова полномоштво?“, праша Сашко Дуковски, адвокат на Ристо Новачевски.
„Со овие одредби до крајот не сум бил запознаен. Ми беше кажано само дека овластувам некој да отвори компанија ќерка во Македонија“, изјави Александар Ивановски-Теранова.
„Ќе се согласите дека потписот на крајот е вашиот, каде што се наведува дека сте полномошник на фирмата ‘Сирах лимитед’ од Белизе?”, рече Ивановски-Теранова, а тој одговори: „Да“.
„Во одредени ситуации кај адвокатите се оставаат бланко-потписи. Овие одлуки сега првпат ги гледам“, рече Ивановски-Теранова кога му беа предочени и други документи, освен полномошнтвото за кое тврдеше дека е единствено нешто што го има потпишано за фирмата „Сирах инженеринг“ и нејзино основање во Македонија.
„Како полномошник на ‘Сирах лимитид’ сте потпишале одлука за избор на управител?“, праша Дуковски, а сведокот одговори: „Ова е мој потпис, најверојатно, оставен бланко. Нема логика да поставам управител што не го познавам“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

