Македонија
(Видео) Се бараат притвори за седум лица за „Скопје 2014“: осомничен се обидел да ја напушти државата, се замрзнуваат и удели, имот, пари
Притвор се бара за седум лица осомничени за „Скопје 2014“, посочи обвинителот Љубомир Лапе, кој го води предметот. Сомнежите се дека тие ќе се дадат во бегство. Имиња не сакаше да каже бидејќи во моментот се постапува. Според информациите на „Макфакс“, едно од лицата за кои се бара притвор е четвртоосомничениот Владимир Здравев, кој е експретседател на Советот на Центар, а бил приведен на Табановце. Лапе не сакаше ниту да потврди ниту да демантира.
„Имавме сомневања дека ќе ја напуштат државата. Не избиравме ние кога ќе ја почнеме постапката, но кога бев известен дека еден од осомничените ја напушта Република Северна Македонија, ја инициравме целата акција. Против четири лица веќе се постапува“, изјави Лапе.
Против ексградоначалникот Владимир Тодоровиќ, кој е сопственик и на синџирот маркети „Тинекс“, не се предложени мерки за замрзнување на имотот. Вакви мерки се бараат за фирмите што биле поврзани со перење пари.
„Замрзнување на сметки и имоти, како и удели во компании, се поднесени за лицата кои се осомничени за перење пари и за правните лица за кои според доказите произлегува дека се основани со таа намена“, додаде Лапе.
Кривичните дела се сторени од 2007 до 2013 година кога се набавувале десетте споменици, дел од „Скопје 2014“. Истрагата е отворена по 10 години, а колку ќе се чека за обвинение, не знае ниту обвинителот. Тој вели дека се чекаат докази од пет странски држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ спроведе засилени контоли кај операторите со храна во близина на училиштата
Во рамки на 445 инспекциски контроли спроведени во последните десетина дена, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече 15 забрани за вршење на дејност на оператори со храна, додека 696 килограми небезбедна храна од непознати добавувачи беа запленети и уништени, соопшти АХВ.
Контролите биле насочени особено кон објектите во непосредна близина на основни и средни училишта, од каде учениците најчесто купуваат храна.
Инспекциските проверки откриле дека 19 оператори ставале во промет небезбедна храна, кај 30 се утврдиле незадоволителни хигиенски услови, а од вкупно контролираните, 26 оператори не биле регистрирани во АХВ.
„16 оператри немале имплементирано процедури за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, а дури 32 немале спроведено задолжителен здравствено-саниратен преглед на вработените лица. Тројца оператори немале спроведено задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите, а 7 од контролираните објекти не ги задоволувале техничките услови за вршење на дејноста. Несоодветно означена храна со контролите била затекната кај седуммина оператори со храна“, стои во соопштението на АХВ.
За утврдените неправилности, АХВ изрече парични казни за 77 оператори во вкупна вредност од 36.470 евра. Издадени се 103 решенија за отстранување на недоследностите и 23 опомени.
Македонија
Денеска сончево, од утре голема промена на времето
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб, а во западните делови умерен ветер од југозападен правец. Минималните температури ќе бидат во интервал од -3 до 5, а максималните од 16 до 20 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 16 степени.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека утре облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.

