Македонија
Се бара екстрадиција за Грујевски и за „Странски служби“
За истрагата „Странски служби“, Специјалното јавно обвинителство на 26 декември лани преку Министерството за правда до надлежен орган во Грција доставило барање за екстрадиција во Македонија на бегалецот Горан Грујевски, со цел негово кривично гонење и во оваа кривична постапка. Тој е осомничен за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Ова го пишува во најновиот извештај за работата на СЈО. Истрагата беше отворена кон крајот на минатата година.
Според исказот на обвинителката Фатиме Фетаи за истрагата „Странски служби“, во 2014 година по барање на Грујевски, странска компанија изготвила извештај во кој било наведено дека на подрачјето на Скопје, со опрема детектирала нелегални активности поврзани со двојни базни станици. Вака изготвениот извештај требало да ја потврди тезата на тогашниот државен врв дека масовното прислушување го вршеле странски служби. Интерес за овој извештај, според СЈО, имала и странската компанија. Според Фетаи, оваа компанија со најбрза постапка за јавна набавка, односно со фаворизирање го добила тендерот за набавка на опрема. СЈО побара притвор за Грујевски во случајот со прислушувањето, „Таргет-Тврдина“.
Грујевски се жалел и на казната затвор во „Тврдина 2“
Бегалецот Горан Грујевски, кого кривичниот суд го осуди во отсуство за предметот „Тврдина 2“, преку неговите адвокати поднел и жалба на пресудата до Апелацискиот суд во Скопје, пишува во Извештајот на Специјалното јавно обвинителство. Жалба на пресудата судот поднела и една службеничка во УБК, која исто така, судот ја прогласи дека е виновна и ѝ определи условна казна. СЈО, како што пишува во извештајот, изјавило одговор на жалбата. На 28 март Апелациониот суд треба да одлучува за жалбата на Грујевски и на обвинетата службеничка од УБК.
Поранешниот началник на УБК, кој е во екстрадициски притвор во Грција, судот лани во ноември го осуди на една година и шест месеци затвор за уништување службени документи од кои некои биле поврзани со опремата за прислушување. Шесте службенички вработени во УБК судот ги осуди на условни казна. Пет од нив се осудени на условна казна од 1 година, ако во рок од 3 години по правосилноста на пресудата не го повторат делото. Обвинетата М.К.С ја осуди на условна казна затвор од 9 месеци, ако во следните 2 години по правосилноста на пресудата не го повтори делото. Судот како олеснителни околности при донесувањето на пресудата за Грујевски зеде предвид тоа дека тој претходно не е осудуван и дека е семеен човек. Како отежителни околности за определување на казната ги зеде предвид степенот на кривичната одговорност, тоа дека иницирал кривично дело и неговото бегство.
В. Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

