Македонија
Се молиме да е жив и здрав и некој да му даде вода во овие пеколни денови: Семејството трага по велешанецот Никола Попов
„Шест дена никаква трага и глас. Ние во болка, во исчекување, во агонија“ велат во семејството на велешанецот Никола Попов на кого веќе речиси една седмица му се губи секаква трага.
Неговата сопруга Македонка во разговор за „Макфакс“ вели дека 66-годишниот маж последен пат бил виден во средата вечерта кога семејството, односно фамилијата, била заедно на роденден. Никола бил на роденденската прослава и некаден околу 22 часот станал и кажал дека ќе си оди дома. Од тогаш како што кажува Македонка на нејзиниот сопруг му се губи секаква трага.
„Бевме сите заедно на роденден. Тој некаден кај 22 часот брзо стана и рече дека ќе си оди. Телефонот си го стави во џеб и замина. Ние останавме уште малку а кога си дојдовме дома јас видов запалено светло, но празна куќа и се испаничив. Почнав да го барам, да викам, да вртам по телефони. Сите од фамилијата се активиравме, почнавме да го бараме. Дел од роднините тргнаа назад по патот да проверат уште еднаш, но се беше залудно“, раскажува сопругата на Никола Попов.
Појаснува дека веднаш ја информирале и полицијата и им доставиле слики како изгледа човекот. И вели дека полицијата активно си ја врши својата работа и исто како и фамилијата бараат по сите можни места за кои постојат сомнежи дека би можеле да го најдат 66-годишниот маж.
Македонка вели дека Никола со себе го имал неговиот мобилен телефон кој што сега е исклучен и нема сигнал.
Раскажува дека нејзиниот маж бил добар човек и доста познат во Велес, што се вели чаршиски човек и дека многу луѓе го знаеле а меѓу пријателите и жителите на Велес бил познат како Коле или „Бибата“.
Ова како што истакнува му е прв пат на Никола да излезе и да не се врати.
„Тој е чаршиски човек. Многу често знаеше да излезе од дома. Понекогаш и по два-три пати. Ќе излезе ќе купи нешто, ќе среди некоја работа и ќе се врати. Но вака никогаш не направил“, кажува потресената жена.
„Преоравме се и ридови и долови и Бабуна и се молиме на господ да го чува и пази. Се надевам дека некој го има прибрано во овие врели денови да му даде барем вода, оти без храна се може, ама без вода на вакви горештини не се може“, вели сопругата на исчезнатиот Никола Попов.
Семејството во статус на социјалните мрежи има оставено телефонски број на кој можат да се јават сите кои имаат некаква информација за исчезнатиот Никола.
Македонка додава дека досега во изминатите шест дена имаат добиено некои штури информации дека првично наводно некој го видел Никола Попов кај Т.Ц во Велес но вели дека се останало на тоа.
„Со верба во бог, недежта не ја губиме“, истакнува сопругата на исчезнатиот Никола Попов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

