Македонија
Се намалува бројот на грипозни, но и последнава недела е со рекорден број новозаболени во споредба со изминатите 14 сезони
Бројот на новозаболени од грип се намалува во споредба со минатата недела, но ако се спореди со истата недела изминатите 14 сезони, бројот на новозаболени е рекорден. Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, попладнево соопшти дека изминатава недела е регистриран уште еден смртен случај на заболен од грип.
„Во текот на деветтата недела во 2025 година, од 24.2 до 2.3. се пријавени 2.569 случаи на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грип, што е за 15,4 проценти помалку во споредба со претходната недела кога бројот на регистрирани случаи беше 3.035. Во однос на бројот на пријавени лица оваа недела, во споредба со деветтата недела од минатата сезона кога бројот бил 641, тој е зголемен четирипати, а во споредба со деветтата недела во последните 14 сезони зголемен е 38,4 проценти“, рече директорката Андоновска.
Од новозаболените, 1.465 лица се на возраст од 15 до 64 години, 550 се деца на возраст од 5 до 14 години, 297 пријавени случаи се деца од 0 до 4 години и 257 лица на возраст над 65 години. Заболените најмногу се пријавени во Скопје – 515 лица, Битола – 236, Куманово – 203.
Анализите покажуваат многу висока активност на вирусот во Дебар, Кратово и во Свети Николе.
Во оваа сезона вкупна бројка на заболени од грип и болести слични на грип е 19.944, бројка што во споредба со минатата сезона е 49 проценти повисока. За цела сезона досега се регистрирани четири смртни случаи, од кои четвртиот е регистриран последнава недела.
„Во последниот случај се работи за жена со коморбидитети со возраст над 65 години. Се лекувала на Клиниката за пулмонални заболувања“, рече директорката Андоновска.
Остануваат препораките за лицата што ќе почувствуваат симптоми на грип да не излегуваат од дома, а особено да не бидат во контакт со деца или со лица што имаат коморбидитети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДЗС со вежба го одбележа Светски ден на цивилната заштита
Со вежба за цивилна заштита и спасување во битолско викендов се одбележува 1 Март – Светски ден на цивилната заштита. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов во изјава за медиумите истакна дека овој ден е посветен на луѓето, без разлика дали се од институциите или од доброволните друштва, кои секогаш се во служба на безбедноста и заштитата на граѓаните при природни непогоди, несреќи, кризни состојби и други опасности.

По повод Светскиот ден на цивилна заштита, во соработка на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) и Доброволно противпожарно друштво (ДПД) „Архангел“ од Битола, беше реализирана дводневна вежба во Битола и кај манастирот „Св. Ѓорѓи“ во битолското село Велушина (во предел кон границата со Грција).

– Првиот ден се реализираше презентација на улогата на ДПД во системот за заштита и спасување со разменување теортетски и практични искуства и добри искуствени практики. Вториот ден, при показната вежба – симулација на настан „Гаснење пожар на отворен простор“ се примени јасна командно-контролна структура (ICS), со однапред утврдени улоги и одговорности во насока на јакнење на меѓуинституционалната соработка и со доброволните друштва, нагласи Ангелов.
Македонија
(Видео) Филипче: Со Мицкоски, има драматичен пад на странските инвестиции за 729 милиони евра
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека со Христијан Мицкоски на чело на Владата има драматичен пад на директните странски инвестиции од 61 отсто, односно намалување од 729 милиони евра во 2025 година во споредба со 2024 година.
„Во 2024 година има рекордна вредност на директни странски инвестиции од 1.196.000.000 евра, а сега во 2025 година само 467 милиони евра. Тоа е резултат на економската политика на оваа Влада – едноставно дебакл“, изјави Филипче, повикувајќи се на податоци од Народната банка.
Тој нагласи дека бројките значат работни места и благосостојба, посочувајќи дека во време на владите на СДСМ биле отворени 16 нови фабрики и над 10.000 работни места во технолошко-индустриските развојни зони.
Филипче тврдеше дека сега се бележи повлекување на компании и кратење на производствени линии, при што, како што рече, „илјадници работни места се под ризик“.
Тој ја обвини Владата за „тотална негрижа“, посочувајќи на, како што наведе, буџетски дефицит од близу две милијарди евра, издавање две еврообврзници во вредност од една милијарда евра и барање нови 300 милиони евра задолжување.
Филипче додаде дека СДСМ предложила зголемување на минималната плата и пренамена на буџетски средства, но дека власта го одбила предлогот. Според него, намалени се средствата за земјоделство и за пациенти со ретки болести, додека, како што рече, „има пари само за тендери блиски до врвот на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Нема напредок, нема дури ни стагнација – има назадување на сите процеси во државата“, изјави Филипче.
Македонија
Инвеститори граделе без одобрение во Охрид и Струга, инспекторатот наложил уривање
СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.П. (46) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.
Според полицијата, таа како инвеститор, на катастарска парцела во охридското село Љубаништа, без правосилно одобрение за градење издадено од надлежниот сектор во општина Охрид, изградила објект за домување. Надлежен инспекторат донел решение за отстранување на градбата.
ОВР Струга, пак, поднесе кривична пријава против М.М. (58) од Струга, исто така поради сомнение за „бесправно градење“. Пријавениот, како инвеститор, без правосилно одобрение од општинскиот орган, изградил објект за домување и гаража на катастарска парцела во Струга.

