Македонија
Се огласи МВР – При синоќешната рација привела тројца, повредени се двајца полицајци
МВР попладнево со огласи со соопштение за вчерашната рација низ скопските клубови. Според полицијата, МВР асистирало при акциска контрола во угостителски објекти во Скопје.
СВР Скопје во кординација со Државниот инспекторат за труд, Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат исконтролирале седум угостителски објекти во Скопје, лоцирани во градскиот парк и неговата поблиска околина.
Бил легитимирани 21 лице, а приведени се три лица. „А. И. (25) од Скопје кој бил присутен како гостин во угостителски објект и кај него при личен преглед е пронајдено огнено оружје-пиштол „Берета“ со рамка со 10 (десет) куршуми; И. Р. (33) од Скопје, кој бил присутен како гостин во угостителски објект и кај истиот при личен преглед е пронајдена паковка со непозната прашкаста материја; и О. У. (44) од Скопје, сопственик на угостителскиот објект, кој одбил да ја почитува наредбата издадена од полициските службеници и се спротиставил на превземање на службени дејствија“, пишува во соопштението на МВР.
Во еден од објектите биле затеканати и шест малолетници лица кои се приведени во ПС Карпош заради утврдување на идентитет. Кај пет лица кои работеле како обезбедување било утврдено дека не поседуваат лиценци.
Државниот инспекторат за труд, во сите контролирани угостителски објекти констатирал дека работат без соодветна документација за вршење на угостителска дејност издадена од Министерство за економија.
УЈП во два угостителски објекти констатирала разлика во прометот во готово и прометот во фискалните каси, по што им била изречена забрана за вршење дејност во траење од 15 денови.
Регистрирано било едно кривично дело „Напад врз службено лице при вршење на работи од безбедноста“ при што биле повредени двајца полициски службеници. „При преземање мерки, односно приведување поради сомнение за претходно нарушен јавен ред и мир, лицата С.М(34) и Б.С (18), двајцата од Скопје физички ги нападнале униформираните полициски службеници, при што им нанеле телесни повреди. Лицата се лишени од слобода и против истите ќе биде поднесена кривична пријава по член 383 од КЗ“, соопшти полицијата.
Од полицјата информираат дека доколку се воочат евентуални недоследности, Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди ќе преземе мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лукаревска: Не се знае колку ќе трае супсензијата на ИПАРД, а во буџетот се кратат 185 милиони денари за земјоделците
Пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска во рамките на амандманската расправа за буџетот за 2026 година во собраниската комисија за финансирање и буџет, ги повика пратениците да го преиспитаат намалувањето на средствата во програмата за рурален развој за скоро половина и да го прифатат предложениот амандман на СДСМ износот да остане ист како во 2025 година. Годишната стапка во буџетот беше околу 300 милиони денари.
-За 2026 година се предлага намалување на оваа ставка, скоро половина, односно 185,9 милиони денари, или намалувањето е во износ од 115 милиони денари, истакна Лукаревска.
Таа додаде дека суспензијата на ИПАРД, која е актуелна овие денови, создава и големи финансиски проблеми на самите корисници и во сегашно време, меѓутоа и во иднина.
Лукарецска стакна дека скратените буџетски средства се користат за кофинансирање на финансиска поддршка, која корисниците ја добиваат, и тоа ќе биде еден лош сигнал и за земјоделците, меѓутоа и за стопанствениците, коишто очекуваат од Владата, пред се од Министерството за финансии, како креатор на буџетот, паметно и прагматично да ги планира средствата.
-Ние не можеме да знаеме колку време ќе трае самата суспензија, а во тој период веќе ќе имаме одредени обврски коишто ќе мора да се спроведуваат, односно ќе доспее рокот за обврските коишто агенцијата ќе ги има кон корисниците, рече Лукаревска, додавајќи дека по враќањето на оваа програма повторно во сила ќе може да се компензираат овие средства преку средствата од Европската унија.
-Затоа е добро да се прифати овој амандман за доброто на земјоделците и за целиот тој засегнат – секој којшто е дел од столбовите во нашето општество за соодветен раст и развој, па дури и промоција, истакна пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска пред собраниската комисија за финансирање и буџет.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги додели стипендиите „Борис Трајковски“
„Изминативе дваесетина години се создаде почитувана, позната и експонирана заедница од над 300 успешни, реализирани личности, кои се издигнале над индивидуалните кариери и придонеле за општото добро“, оцени претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на доделувањето на стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2025/2026 година.
Според претседателката, оваа грчко-македонска образовна соработка е уште едно камче во мозаикот на искрена доверба меѓу двете држави и општества.
За неа е најважно државата да не ги заборави стипендистите по завршувањето на програмата и да ги вклучи во креирањето на јавни политики и вредности.
Упатувајќи честитки и посакувајќи им успех на годинешните добитници на стипендиите, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изрази задоволство од функционирањето на Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, Сити Колеџ, којшто изнедри 20-тина генерации дипломирани студенти, успешно интегрирани во македонското општество.
За неа, стипендијата е признание за упорноста, талентот и потенцијалот на избраните студенти.
Директорот Јанис Верверидис ја истакна посебната вредност на студирањето на Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, Сити Колеџ. Тој посочи дека Executive MBA е современа програма што се реализира заеднички со Универзитетот во Стразбур (високопрестижна француска институција со 18 добитници на Нобелова награда во својата историја) и води до две MBA дипломи: една од Универзитетот Јорк и една од Универзитетот во Стразбур.
Стипендиите „Борис Трајковски“ за студии од втор циклус на извршната МБА програма се доделуваат на 20 студенти веќе 22 години и се резултат на заедничката активност и соработка на Претседателот на државава, Министерството за образование и наука, Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ и Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, Сити Колеџ од Солун, Грција.
Македонија
Николовски: Програмата за рурален развој е преполовена, субвенции не се исплаќаат, суспендирани се 130 милиони евра од ИПАРД
Пратеникот на СДСМ Љупчо Николовски во рамките на амандманската расправа за буџетот за 2026 година во собраниската комисија за финансирање и буџет посочи на хаосот во земјоделството со кратење и суспендирање на програми.
-Имаме суспендирана програма од 130 милиони евра и сосема неодговорен пристап на орган надлежен за управување со ИПАРД. Гледаме дека министерот бега и се крие и ги крие информациите, па дава контрадикторни информации секој ден за вака сериозна тема. Прво, немаше суспензија, па после призна дека има суспензија, па не беа засегнати договори, па станаа 50 договори засегнати, истакна Николовски.
Тој нагласи дека според официјалните бројки потврдени од Министерството за финансии има 453 склучени договори, 270 делумно исплатени и 180 комплетно неисплатени.
-Програмата за рурален развој, од милијарда и 200 милиони е скратена на половина, на 650 милиони. Националното кофинансирање за ИПАРД во програмата за рурален развој е скратено, рече Николовски, додавајќи дека во времето на владата на СДСМ за еден повик, како овој каде што се фатени корупциски зделки, биле потребни 4 месеци, а сега се потребни 18 месеци, што може да се провери на страната на Делегацијата на Европската унија, но и на Платежната агенција.
Николовски нагласи дека јавно од собраниската говорница алармирал за овие состојби, меѓутоа не добил никаков одговор од министерството.
-Се крати на субвенциите, милијарда денари, не се исплатени субвенциите за овчарите, за млекото, укината е авансната исплата на субвенции, за која сега се измислуваат некакви причини зошто е скратена итн. Факт е дека земјоделците до крајот на годината нема да ги добијат за првпат овие 30%, а големите фирми ќе добијат по еден милион евра, рече Николовски, додавајќи дека се крати и ИПАРД-програмата и програмата за рурален развој, што претставува огромен шок и огромно кратење, буквално на секој поглед, во секоја програма, во секоја мерка во земјоделството.
Николовски истакна дека веднаш по објавата на скандалот има промена на 40% од раководниот кадар на ИПАРД, за којшто за да се промени треба да се пријави во Европската унија.
Таму има уште поголем проблем, затоа што во ваков скандал, со суспендирани пари, еден ден по завршувањето на изборите се носи решение за распоредување на 40% од кадарот кој го работеше најуспешниот ИПАРД-2 во регионот, каде што има 85% искористеност, најдобро од сите земји, истакна Николовски.
Наместо да откочиме и да ги ослободиме работите, се прават грешки во оваа нервоза, за да се заглават уште повеќе процедурите. Заедно со скратените износи за субвенции од 500 милиони денари и преполовената програма за рурален развој, се инвестициските мерки со укинатите програми за малите производители, но се форсираат големите компании. Со тоа што нема исплата на субвенции со месеци и нема аванс на исплата, сериозно ќе биде доведен доходот на земјоделците и нивната спремност за нова реколта. Со ова, мерките се креираат за големите фарми или една–две винарии преку програмите во владина процедура и одлуки на Собранието, каде што се гледа дека се форсираат големите компании, а треба да се гордееме на четири илјади мали производители и на постојана поддршка на малите земјоделци, а не на пет–шест големи компании, порача пратеникот на СДСМ Љупчо Николовски во обраќање пред собраниската комисија за финансирање и буџет.

