Македонија
Се уништувало културно наследство во Старата скопска чаршија, под истрага 11 лица
По повеќемесечна предистражна постапка, денеска, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, единиците на МВР спроведоа акција, при што се извршени претреси на повеќе локации во Скопје. Во акцијата се одземени многубројни материјални докази и приведени се девет осомничени лица, а две се недостапни за органите на прогонот.
Предметниот јавен обвинител, постапувајќи по кривичната пријава, донесе наредба за спроведување истражна постапка против 11 лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривични дела злосторничко здружување предвидено и казниво по чл. 394 од КЗ и оштетување или уништување добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости од чл. 264 став 1 од КЗ, а петмина од нив сториле и кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл.353 од КЗ.
Според диспозитивот на наредбата за спроведување истражна постапка, четворицата првоосомничени во периодот од октомври 2022 до септември 2023 година создале група на која припадници станале другите осомничени. Првоосомничениот како претседател на одбор на директори на акционерско друштво, со намера за себе и за другите членови на групата да прибави противправна имотна корист, не ги извршил своите службени овластувања определени во статутот на друштвото и предизвикал штета на буџетот на РСМ од значителна вредност. Тој, иако знаел дека хотелот „Шар ан“, што се наоѓа во склоп на Старата скопска чаршија, претставува културно наследство и е дел од заштитена споменичка целина и не може да биде предмет на продажба, не ги презел своите законски овластувања за заштита на објектот, туку побарал од некои од припадниците на групата да извршат негово противправно рушење и уништување.
Во периодот од октомври и ноември 2022 година четворица припадници на групата како градежни работници, без да поседуваат документација за дозволеност за преземање дејства за рушење, употребувајќи механизација, извршиле противправно уништување на автентичниот објект, хотелот „Шар ан“. Во исто време двајца од организаторите и еден припадник на групата во својство на службени лица, чија службена должност е преземање мерки за заштита на недвижните културни наследства, иако знаеле за насилното уништување на автентичниот објект, хотелот „Шар ан“, дозволиле негово целосно уништување и не презеле ниту едно дејство со кое ќе го запрат или спречат незаконското рушење на објектот од културно наследство.
Второосомничениот како еден од организаторите на групата во текот на целиот период на рушење бил запознаен и се согласил со преземањето на противзаконските дејства, од кои требало да оствари директна корист. Тој до Агенцијата за катастар на недвижностите поднел пријава за запишување промена од т. 19 – бришење срушен објект, па кон пријавата приложил изјава за правна заинтересираност за купопродажба на катастарска парцела и геодетски елаборат. Геодетскиот елаборат бил изработен од правно лице, сопственост на сопруга на еден од осомничените – поранешен заменик-директор на Агенцијата за катастар на недвижностите, кому му биле познати законските постапки за вршење упис и промени во катастарската евиденција и кој презел низа дејства давајќи конкретни насоки и обезбедувајќи услови за извршување на промената во катастарската евиденција.
Припадникот на групата во својство на службено лице, пречекорувајќи ги границите на своите службени овластувања, презел службено дејство и спровел постапка за упис на промена на културата на КП од градежно изградено во градежно неизградено земјиште, без постоење правен основ за вршење промена и без да обезбеди стручен наод од правната служба на АКН. Воедно, ги избришал податоците од графата за право на стопанисување со недвижноста во корист на АДССДП овозможувајќи му на второосомничениот да го искористи наводниот правен интерес за купопродажба на предметната парцела на која се наоѓал уништениот објект – културно наследство од непроценлива вредност за РСМ и со чие насилно уништување е предизвикана штета на државата во износ од значителна вредност од 180.000.000,00 денари.
Осомничените во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)
Македонија
Стојаноска: Парите за минималецот може веднаш да се најдат, дел на Водно кај хациендите на Филипче, дел во Дубаи и дел во Струмица по масите на хотел Парк
Како СДСМ може да обезбедат пари за минимална плата? Да го вратат она што го испокрадоа во време на нивното 7 годишно владеење, напиша во објава на социјалните мрежи Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако ова не го сторат самите, тогаш многу скоро низ судски процеси ќе враќаат сѐ што испокрадоа, заедно со казни затвор за истото.
А, ако случајно во Буџетот ги најдат парите за кои зборуваат, тогаш веднаш ќе ги пренамениме за хуманитарни цели.
Инаку, парите за минималецот може веднаш да се најдат – дел на Водно (кај хациендите на Филипче), дел во Дубаи и дел во Струмица (по масите на хотел “Парк”)“, додава Стојаноска.
Македонија
Муцунски на состанок за Коридор 8, во Тирана: Државата, како централна точка, останува целосно посветена на неговата реализација
Денеска, во Тирана, на покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со колегите од Италија, Бугарија и Романија, учествуваше на Министерскиот состанок „Коридор VIII во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“.
Состанокот се реализираше како продолжение на инаугуративната сесија одржана во Бриндизи, Италија, на 27 јули 2023 година. Во фокусот на разговорите беа актуелните инфраструктурни проекти што се операционализираат долж Коридор VIII, предизвиците во нивната реализација, како и потребата од засилено политичко внимание и координација.
Министрите констатираа дека постои заедничко разбирање оти Коридор VIII треба да функционира како еден прекуграничен систем, а не како серија одвоени национални проекти што запираат на следната државна граница. Беше нагласено дека коридорот претставува стратешка врска меѓу Јадранското и Црното Море и дека во актуелниот геополитички контекст поврзаноста претставува елемент на отпорност и сила.
Во своето обраќање, Муцунски ја истакна важноста од целосно вклучување на сите клучни актери, нагласувајќи дека улогата на Италија како значаен фактор на Јадранот и на Романија како клучна држава на Црното Море и во регионалната економија е суштинска за Коридор VIII да стане вистинска европска врска од почеток до крај.
Осврнувајќи се на националните обврски, Муцунски потенцираше дека државата, како централна точка на коридорот, останува целосно посветена на неговата реализација. Како значаен исчекор беше посочено потпишувањето на договорот со Бугарија за прекуграничниот железнички тунел во ноември 2025 година. Првата железничка делница на источниот дел е завршена, втората е во изградба, а работите напредуваат и на третата. Во патниот сегмент, целта е целосна автопатска и експресна поврзаност од Ќафасан до Деве Баир до 2029 година.
Дополнително, беше истакната и енергетската димензија на коридорот, како и потребата од усогласување на процедурите, граничното управување и олеснувањето на трговијата, со цел новата инфраструктура да биде придружена со модерни и ефикасни стандарди. Посебен акцент беше ставен на искористување на европските финансиски инструменти, вклучително и следната програма „Connecting Europe Facility“, за забрзување на имплементацијата и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите.
Соговорниците се согласија дека фокусот во наредниот период треба да биде на реализација на финансиски одржливи проекти, координирана прекугранична имплементација и одржување на еднаков интензитет на реализација долж целата траса на Коридор VIII.

