Македонија
Силјановска: Да се бара промена на нечиј Устав е тажна и чудна балканска приказна
„Суверенитетот според нормативниот текст извира и припаѓа на граѓаните. Се знае кој може да иницира промена на Уставот, може да иницира шефот на државата, може да иницира Владата, може да иницираат пратениците, но исто така и граѓани. Ова ми личи мене како да треба да напишеме во Преамбулата суверенитетот извира од граѓаните, потоа од етничките заедници, и сега и од меѓународната заедница. Прво, не само што се бара промена на Уставот туку и роковите на постапување се одредуваат, но тоа не е за прв пат, тоа е се случуваше и со Преспанскиот договор. Значи тоа е тажна, чудна, балканска приказна, но за жал поддржана и од ЕУ“, истакна Гордана Силјановска Давкова, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина насловена „Ќе има ли владина одговорност за трајното нарушување на националните интереси?“ организирана од ВМРО-ДПМНЕ.
Силјановска Давкова додаде дека со секоја промена на Уставот во Македонија се менува и именката.
„Точно е дека Бугарија има поинаков концепт од нас, но имавме сличен концепт со Уставот од 1991 година, и концептот беше граѓански, либерален. А, во 2001 година кај нас се смени концептот. Но, начинот на кој што сега Бугарија тоа го прави не е во ред. А, Бугарија во нејзиниот Устав не споменува малцинства и заедници ама е потписник и ја ратификувала Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата. А, пописите од 1946-та година и од 1956-та година има јасна импозантна бројка на Македонци во Бугарија која била околу 178.000. Да не говорам и за Бледскиот договор, да не говорам за автономијата. Да не говорам ноторен факт е дека таму се отворале училишта на македонски јазик, библиотеки, имало културни центри, но каде се сега тие“, запраша Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова посочи дека Бугарија со последниот предлог издејствува и барањата да се вметнат во преговарачката рамка.
„Значи, кога го читате последниот документ на Советот пред предлозите има една приказна, еден наратив, каде што од јасно стои во податоците што се наведени дека Македонија ги исполнува условите за почеток на преговорите. Оти кога гледате како се развивала оваа приказна па и ако сакате и во поглед на првиот кластер во поглед на човековите права, малцинските права, мислам ако некому ЕУ не може да замери за почитување на малцински права и тоа во поглед на стандардите, тоа е Македонија. Но, сега за жал гледаме еден друг наратив. Значи ние ќе го отвориме Уставот кога ќе сметаме дека е потребно, не може да се уценува со прво тоа па потоа почеток на преговори бидејќи така ќе не втурнат во сличен тунел како што е Преспанскиот договор“, појасни Силјановска Давкова.
Таа укажа дека Бугарија она што го прави во моментов е реприза на она што се случуваше во спорот со Грција. И тоа Бугарија го прави на Македонија бидејќи спроти нејзе нема државници и политичари кои што ќе ги бранат цврсто македонските национални интереси.
„Јас сум шокирана од речникот на премиерот за хистеријата на експертите оти јас мислев дека и тој е експерт бидејќи има титула професор. Како може премиерот така да зборува за оние кои укажуваат на политичката хистерија на сегашната власт? Оти на науката и требаат документи и податоци за да размислува. А, затоа нивните институции се тинк тенкови. Ама ако тоа завршило само во две партии, па дури и не кај коалиционите партнери и ако вие излегувате пред народот и велите дека не сте го виделе документот, тогаш тоа е политичка хистерија, а не експертите“, нагласи Силјановска Давкова.
Пратеничката додаде дека експертите сократовски се однесуваа. Експертите гласно рекоа дека предлогот од Франција не заслужува внимание и не заслужува да биде прифатен.
„Замислете министерот за надворешни работи вели дека за нас овој документ е прифатлив. Прво, кого подведува тој? Под нас. Кои сме ние? Ние кои излеговме на протестите првиот ден, вториот ден, оние кои што зборуваа за неофашистички говор, постапки. Кои се тие нас? Очигледно дека мисли на себе министерот, на министерот Маричиќ и на премиерот Ковачевски. Епа, извинете ние не сме под тие ние, туку сме некои други. А, тие се тие кои заборавиле на нас, на народот, на пратениците, на Парламентот“, рече Силјановска Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

