Македонија
„Брисел ја поддржа бугарската позиција“ – Петков образложи што ќе се случува ако Македонија го прифати францускиот предлог
Бугарскиот премиер Кирил Петков рече дека Скопје веќе има избор за сопствената иднина, а Бугарија успеала да ги заштити своите национални интереси по гласањето „за“ францускиот предлог во бугарскиот законодавен дом и натаму Софија не може да сноси одговорност за сите.
„Направивме нешто неверојатно. За првпат Брисел ја поддржа бугарската позиција“, рече Петков додавајќи дека и самите, како што ги нарече, северномакедонски партии излегле на голем протест против предлогот.
Според Петков, тоа што бугарските позиции се заштитени од Брисел укажало на неверојатно успешна дипломатија која лично ја поздравил.
Во интервју за БНР.бг тој образложи што ќе се случува доколку Македонија одлучи да го прифати предлогот.
„Ако Северна Македонија се согласи со францускиот предлог, во Уставот на Северна Македонија ќе влезат Бугарите пред да почне преговарачкиот процес. Второ, имаме јасни контролни механизми за говорот на омраза и дискриминацијата. Трето, имаме многу јасни дефиниции за историските факти и образованието во училиштата во Северна Македонија“, рече Петков повторно повторувајќи дека зад спроведувањето ќе стои Брисел, а дека Македонија треба да биде дел од Европската Унија.
Тој ги коментираше и односите со претседателот Румен Радев заклучувајќи дека тој нема државен пристап во решавањето на важните прашања за државата.
„Моите последни остри забелешки против претседателот беа на следнава основа – кога имате гласање за недоверба и предлог кој го штити бугарскиот интерес, кога истиот ден како премиер ќе го исполнам моето ветување дека ќе поминам низ Народното собрание, нема смисла да зазема остар став. Чувството беше: што мисли овој претседател во моментов, не гледа ли дека има политичка нестабилност? Беше изненадувачки и запрепастувачки“, рече Петков.
Во програмата „Политички некоректно“ на БНР, Кирил Петков изрази загриженост дека идната преодна влада би можела да ја врати Бугарија на Гаспром .
Во врска со политичката криза во земјата Петков повтори дека се додека поединци од опозициските партии се инволвирани во корупција , ПП нема да води дијалог со нив.
„ПП нема да преговара со Слави Трифонов, Бојко Борисов, Дељан Пеевски и Костадин Костадинов . Имаме дијалог со ДБ и БСП. Мојот сон е да видам влада и парламент што не се контролирани од марионетски луѓе, а лидерите се независни. Луѓето кои имаат проблем со ПП, со мене како премиер, со Асен Василев како министер за финансии се тие на кои им застанавме на патот за да не ги трошат јавните средства на стариот начин “, рече Петков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.