Македонија
Симеонов: Повеќе од 200,000 граѓани неколку години чекаат да заврши со изградба новата штипска болница
„Повеќе од 200,000 граѓани во овој регион веќе неколку години чекаат да заврши со изградба новата штипска болница, новиот клинички центар, меѓутоа досега само ветувања, многу камери, секој министер со своја пи-ар агенда и на крајот само тапкање во место како и да е тоа е во склоп на неспособниот и распаднат здравствен систем што го имаме сега во Македонија“, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ др. Ристо Симеонов на денешната здравствена платформа за иднина во Штип на тема „Концепт во здравство“.
Тој продолжи и додаде дека регионализацијата е предуслов за добивање на квалитетни здравствени услуги.
„Регионализација е предуслов за добивање на квалитетни здравствени услуги во еден модерен здравствен систем тоа значи постоење на неколку регионални болници, една од тие би била и штипската болница каде пациентите ќе ги добиваат сите здравствени услуги во или блиску местото на живеење, наместо да патуваат со денови, недели, месеци по неколку пати во Скопје за прегледи, дијагностики, интервенции, терапија сите тие здравствени услуги ќе ги добиваат во регионалната болница и тие здравствени услуги ќе бидат на терциерно ниво каде ќе може пациентот да ги добие во местото на живеење односно во болницата во тој регион“, рече Симеонов.
Тој е дециден дека во вакви услови какви што има сега не може да се дадат современи здравствени услуги.
„Медицинскиот факултет во Штип е исто една добра едукативна база меѓутоа го нема тој факултет колку што знам дека во план е да се изгради нов медицински факултет над педијатрија. Во моментов во Штип студираат активно повеќе од 4,000 студенти по медицина само 10% од тие студенти да решат да продолжат со специјализација овде, тогаш за неколку години ќе има 400 специјалисти кои ќе ги покријат сите области од медицината меѓутоа за тоа потребни се современи услови, современа инфраструктура, современи оддели, квалитетна континуирана медицинска едукација и затоа 2024-2028 владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го направи Штип столбот на здравствениот и едукативниот систем во источниот регион во Македонија.“, заклучи Симеонов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода делови од скопски Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( вторник ) -поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.(општина Карпош)
Македонија
ДИК–ИФЕС: фокусирана соработка за клучните стратешки приоритети на Комисијата
Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) одржаа работен состанок со претставници на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), на кој беше потврдена подготвеноста за продолжување и продлабочување на соработката во рамки на програмата „Поддршка на изборите во Северна Македонија“.
Од страна на директорката на Канцеларијата во Република Северна Македонија, Јоана Косма, беше истакнато дека соработката со ДИК преку проектот на Владата на Швајцарија, „Програма за поддршка на изборите во Северна Македонија“, досега резултирала со конкретни и мерливи постигнувања, особено во делот на развојот на ИТ-решенија, јакнењето на институционалните капацитети, унапредувањето на изборните процеси и зголемена доверба на граѓаните во истите.
Претседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ, нагласи дека во текот на неговиот мандат приоритет ќе бидат зајакнувањето на кредибилитетот и видливоста на Комисијата, како и нејзината отвореност кон граѓаните. Во таа насока, тој рече дека новиот состав на Комисијата ќе продолжи со реформските процеси со јасно дефиниран фокус на клучните стратешки приоритети, меѓу кои потенцирана беше потребата од ставање во функција на Центарот за континуирана обука на ДИК. Маричиќ укажа дека Центарот за обуки веќе има воспоставена законска основа и дека во следниот период, во соработка со ИФЕС, ќе се вложат напори за негово целосно оперативно функционирање, вклучително и обезбедување соодветен кадар.
Во рамки на дискусијата, потпретседателот на ДИК, Абдуш Демири, се осврна на значењето на човечките ресурси и континуираната едукација како клучен елемент за одржливост на реформите. На состанокот членовите на Комисијата, кои и во претходниот состав учествувале во работата на ДИК, ги посочи ја досегашните искуства од соработката со ИФЕС, нагласувајќи ја важноста од надградување на постигнатите резултати и обезбедување континуитет во реформските процеси.
На состанокот беше заеднички констатирано дека партнерството меѓу ДИК и ИФЕС останува стратешко и во наредниот период, со цел унапредување на изборните процеси и зајакнување на довербата на граѓаните во изборниот систем.
Македонија
Божиновска: Со вакво темпо, за родова еднаквост ќе ни требаат уште 57 години, жените во енергетиката ни се потребни денес за посилен и поиновативен сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на настан организиран во рамки на проектот ELeVATE (2025–2028), посветен на охрабрување и поддршка на девојки и жени за развој на кариера во секторите на нето-нула технологии, паметни енергетски системи и зелена транзиција.
Во своето обраќање, министерката истакна дека енергетската транзиција не е само технолошки процес, туку и длабока трансформација на работната сила, во која жените мора да имаат еднаква и видлива улога.
„Жените во енергетиката сè уште се недоволно застапени. Тоа не значи дека недостасуваат знаење и амбиција, туку дека постои неискористен потенцијал кој државата и општеството не смеат да го игнорираат. Индексот за родова еднаквост во 2022 година изнесувал 64,5 поени од можни 100, што претставува зголемување од само 2,5 поени од 2019 година. Со вакво темпо, би биле потребни приближно 57 години за да се постигне родова еднаквост во сите области. Ова ја нагласува итноста: не можеме да чекаме со децении за да создадеме еднакви можности. Повеќе жени во секторот е бенефит за сите. Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА) дојде до податоци дека организациите со повеќе жени на лидерските позиции во енергетиката покажуваат 20 проценти повисоки перформанси и иновации. Светскиот Економски Форум објави дека тимовите кои вклучуваат различни полови се попрофитабилни, покреативни и поотпорни во кризни ситуации. Кога на жените ќе им се даде моќ, целиот сектор и општеството има придобивки “, порача Божиновска.
Таа нагласи дека интересот за наука и технологија кај девојките постои уште од рана возраст, но често се губи поради стереотипи, недостиг од поддршка и ограничен пристап до практични можности. Затоа, како што истакна, неопходно е создавање јасна и континуирана патека – од образование, преку практична обука, до вработување и напредување.
„Oвие бариери не се непремостливи.Ги надминуваме преку партнерства, преку вакви проекти, преку отворен дијалог и преку конкретни програми кои ги приближуваат младите жени до реалниот сектор.“ нагласи Божиновска.
Министерката ги посочи и стратешките приоритети на државата за периодот 2026–2030, меѓу кои забрзан развој на обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност на објектите и дигитализација на електроенергетската инфраструктура, процеси кои директно ќе го обликуваат пазарот на труд и побарувачката за нови профили и вештини.
„Технологиите со нето-нула емисии ќе бараат експерти за обновливи извори, специјалисти за паметни згради и автоматизација, дигитални инженери, менаџери за енергетска ефикасност и професионалци за паметни мрежи. Нашата задача е што повеќе жени да бидат дел од оваа нова економија“, истакна Божиновска.
Таа потенцираше дека Министерството за енергетика е цврсто посветено на поддршка на девојките и жените во STEM и енергетските сектори, преку практични обуки, партнерства со компании, менторски мрежи и програми што ги поврзуваат образованието и реалниот сектор.
Проектот ELeVATE, кој ги поврзува образовните институции, компаниите, јавниот сектор и локалните власти, беше посочен како пример за конкретен и применлив модел што ги надминува бариерите и создава реални можности за жените во зелените технологии.
„Енергетската транзиција ќе биде успешна само ако е инклузивна – ако ги вклучи жените, ако создаде еднакви можности и ако ги поврзе образованието, бизнисот и институциите“, порача Божиновска.

