Македонија
Синдикатот на Клинички центар го осуди нападот врз докторот од Клиничката болница во Тетово

Синдикатот на Клинички центар го осудува физичкиот напад врз докторoт дерматовенеролог вработен во Клиничката болница во Тетово.
„Овој дрзок и брутален напад извршен во присуство на органите на јавен ред и мир укажува дека и покрај сите декларативни изјави, Повелби и Декларации потпишани и искажани во изминатиот период со цел ваквите инциденти да се спречат или станат изолирани појави, истите и понатаму продолжуваат и се со зголемен интензитет и честота“, велат од Синдикатот.
Очигледно е дека, додваат од таму, докторите, медицинските сестри и останатите вработени во здравството при извршување на своите работни задачи се недоволно заштитени, и секојдневно изложени на животозагрозувачки инциденти, стварност која не ја посакуваат и не е по нивна воља.
Според Синдикатот на Клинички центар она што недостасува е превентивата, која е минимална, а во голем број ЈЗУ и во целост недостасува.
Синдикатот укажува на потребата од изготвување законска регулатива која ќе го обврзе работодавачот да обезбеди систем на професионална и ефикасна заштита од физичко и вербално насилство на вработените во здравството.
„Таков систем подразбира унапредување на здравствената и општа култура на населението., почитување на етичкиот и морален кодекс од страна на здравствениот и друг персонал, 24 часовно професионално обезбедување на сите ЈЗУ во Република Македонија со контролиран и ограничен пропуст на цивили и членови на фамилија, слично како во приватните болници, 24 часовен централен видео надзор на влезовите, излезите и поедини простории во објектите на ЈЗУ со почитување на законските и други прописи и норми за заштита на личните и други права на пациентите и вработените и останати методи и мерки кои ќе превенираат насилство“, велат од Синдикатот.
Од таму порачуваат дека се подготвени заедно со ресорното Министерство, Лекарската комора и другите комори и здруженија во здравството, Македонското здружение за заштита при работа и други релевантни чинители, преку стручни состаноци, јавни дебати и други постапки да учествува во изнаоѓање најсоодветно решение за сузбивање на вербалното и физичко насилство во здравството, кое со законска регулатива ќе го обврзе работодавачот да обезбеди превентивен систем на професионална и ефикасна заштита од физичко и вербално насилство на вработените во здравството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.