Македонија
„Сите албански“ – во УБК прислушувањето било поделено по етнички групи
„Сите македонски“, „сите албански“ и „важно“. Под овие 3 групи биле поделени улогите на групите корисници што имале пристап до системот за следење на комуникациите наречен „Најс“. Во првата група биле ставани сите говорители на македонски јазик, во втората група сите броеви на кои се говорело на албански јазик, а во третата група „важно“ биле Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ.
Биле креирани неколку разни профили: маркирачи на броеви, репродуцери на материјалите, читачи, началници. Сите тие имале одреден пристап до системот. Корисничките сметки биле со имиња admin 1, admin 2 итн…. По наредба на Горан Грујевски, од Нова година до 15 јануари следната година се бришеле корисничките сметки и се креирале нови.
„Се бришеше буквално сè“, рече Костовски пред судот. Објаснувањето на Грујевски беше дека тоа било за да се освежи системот и да се заборави кои биле псевдонимите и таргетите.
„Кога маркирачот маркира, можеше да додаде пристап на корисници на група“, објасни Костовски.
По наредба на Горан Грурјвски, на сите маркирани броеви за следење им била придружувана групата „важно“, во која биле Мијалков, Грујевски и Николиќ. Некогаш наредбите за тоа кои броеви да бидат следени биле соопштувани преку телефон од Грујевски или Николиќ по по што таа пракса прекинала.
Во 2014 година имале 80 кориснички сметки или т.н. јусери за вработени во УБК, кои имале пристап до следење на комуникациите. Сведокот рече дека таа бројка пораснала со годините.
Прв во постапката сведочеше Ѓорѓи Лазаревски. Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, кои избегаа во Грција, ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и шефот на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.
Обвинети се и вработените во УБК: Надица Николиќ, Владимир Варелов, Марјан Шумуликовски, Силвана Златкова, Васил Исакоски и Валентина Симоновска.
Според обвинението на СЈО, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броја.
Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Изгореа викендица и куќа, се запали оџак: три интервенции на струмичките пожарникари
Струмичките пожарникари денеска уште во раните утрински часови имаа три интервенции.
Во 06.55 часот, во излетничката населба Суви Лаки, запалена викендица, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители и ТППЕ Берово со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.
Во 08.12 часот, на улица Бетовенова, запалена куќа, интервенирано со три противпожарни возила и 8 пожарникари-спасители.

Во 09.48 часот, во село Муртино, запален оџак, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.

„Во случај на пожар или друга природна непогода повикај 112 или 193“, апелираат струмичките пожарникари.
Македонија
Хоџа-Јаупај: Јакнење на координираната заштита на прекуграничните подрачја
Во рамки на Министерскиот форум за Коридор 8 во Тирана, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се сретна со министерот за животна средина на Албанија, Софјан Јаупај.
Министерот Хоџа на средбата ја истакнал важноста од заедничка координација во заштитата на прекуграничните подрачја и во спроведувањето на европските стандарди за зачувување на биодиверзитетот и справување со климатските предизвици.
Тој нагласил дека регионалната соработка е клучна за обезбедување одржлив развој и за забрзување на европската интеграција на земјите од регионот.
„На средбата се разговараше за зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на заштитата на животната средина, управувањето со природните ресурси, третманот на отпадот, како и за унапредување на заедничките проекти во рамки на европската зелена агенда. Министерот Јаупај изрази подготвеност за продлабочување на институционалното партнерство и за реализација на конкретни иницијативи што ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животната средина и животот на граѓаните во двете земји“, соопшти Министерството.
Двајцата министри се согласиле соработката да се интензивира преку размена на искуства, заеднички проекти и координација во регионални и меѓународни форуми, со цел заштита на животната средина и промоција на одржлив развој во регионот.
Македонија
„Парите за боледувања доцнат – дали Клековски манипулира дека се редовни или фондот е празен“, прашува Левица
„Изминатиот период сѐ повеќе граѓани нѐ информираат дека одреден период Фондот за здравствено осигурување не врши навремена исплата на средства кои им следуваат по основ на привремена спреченост за работа поради болест, а кои средства за многумина претставуваат единствен извор на приход во периодот додека се на боледување и им се нужно неопходни“, велат од партијата Левица.
„Пред само два месеци, од страна на Фондот информираа дека исплати од нивна страна се вршат редовно, а денес се поставува прашањето дали директорот Сашо Клековски ја манипулира јавноста за постигнатото на сметка на граѓаните кои се наоѓаат во незавидна позиција, или пак касата на Фондот не располага со доволно средства за навремено сервисирање на обврските?
Правото на надоместок за спреченост од работа поради болест е законско право и не е привилегија, туку основна социјална и работничка гаранција која треба да обезбеди сигурност на работникот во период кога е здравствено ранлив и привремено неспособен за работа, а во време кога инфлацијата расте, а Владата ги занемарува барањата за зголемување на платите, ваквото доцнење претставува дополнителен удар врз работниците и зголемен ризик по нивното здравје.
Затоа, бараме одговори од Фондот, кога ќе ги исплати работниците кои се на боледување, и дали поради неодговорно работење немаат доволно средства за редовно сервисирање на обврските кон граѓаните“, прашуваат од партијата Левица.

