Македонија
Сите очи вперени во Мерко: координатор во Стејт департментот тврди дека има и докази за корупција, Грковска ги чека правосудните органи да реагираат
САД се децидни дека има докази дека струшкиот градоначалник од ДУИ, Рамиз Мерко, е вмешан во голема корупција. Истовремено, македонски владини претставници чекаат реакција од правосудните органи. Ричард Нефју, координатор за антикорупција во Стејт департментот, во интервју за „Гласот на Америка“ кажа дека вмешаноста на Мерко во копруција е поткрепена, но не може да соопшти детали.
„Одлуката е донесена затоа што државниот секретар имал веродостојни информации кои сугерираат дека г-дин Мерко бил вмешан во голема корупција. И така според законите, кога секретарот ќе дојде до тој заклучок, нечија определба е правно обврзувачка, како што се случи денеска. И знаете, со оглед на природата на одлуките и нивната правна основа, тоа се информациите што можеме да ги објавиме во јавноста за овој случај“, кажа Нефју.
Истовремено, вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, чека реакција од правосудните органи.
„Јасните пораки и конкретните чекори кои ги преземаат нашите меѓународни сојузници во борбата со корупцијата мора да бидат соодветно разбрани од домашните правосудни органи. Бидејќи нивната основна улога е да обезбедат еднаквост на граѓаните пред законот и да испорачуваат ефективна и неселективна правда“, напиша Грковска.
Вчера, беше објавено дека Мерко и неговото семејство се на така наречената црна листа на САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

