Македонија
Сиљановска-Давкова на одбележувањето на 35-годишнината од формирањето на Венецијанската комисија
 
																								
												
												
											Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Венеција, Италијанска Република, по повод учеството на одбележувањето на 35-годишнината од постоењето на Европската комисија за демократија преку право (Венецијанската комисија), советодавно тело на Советот на Европа.
Предвидено е Сиљановска-Давкова на 11-ти октомври да се обрати на свеченото одбележување на годишнината, кадешто, покрај останатите високи гости, е најавено присуството на претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела и претседателката на Република Молдавија, Маја Санду. На настанот ќе му претходи отворање на изложбата на тема „Демократија преку право: од Република Серенисима до Венецијанската комисија на Советот на Европа“.
Претседателката ќе оствари средби со Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе и со претседателот на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, Марк Кулс.
Во рамки на посетата, претседателката ќе оствари средба со претставници на македонската заедница во Италија и ќе се обрати на приемот што по повод 11 Октомври, Денот на народното востание, ќе се одржи во Генералниот конзулат во Венеција.
Сиљановска-Давкова во периодот од 2008 до 2016 година беше македонски претставник во Венецијанската комисија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Македонија
Делови од Кисела Вода, Ѓорче Петров и Карпош денеска без струја
 
														Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот корисниците од бул. Борис Трајковски бр.1 (Пеглата) влез 2 (општина Кисела Вода)
– во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од Новоселски Пат, како и објектите на Стокомак, КАМ Маркет, бензинската пумпа ОКТА и објектите во нивна близина. (општина Ѓорче Петров)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од ул. Леринска, лоцирани во околината на бр. 3. (општина Карпош)
Македонија
Без вода дел од Чаир
 
														Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на приклучна цевка од ф – 150 мм на раскрсница меѓу улиците Челопек и бр. 157 без вода ќе останат корисниците од улиците Челопек и бр. 157, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Претежно облачно со краткотрајни сончеви периоди
 
														Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде претежно облачно со краткотрајни сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 4, а максималната ќе достигне од 17 до 20 степени.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб променлив ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
За време на викендот времето ќе биде стабилно и суво, а во утринските часови ќе има појава на магла во одредени котлини. Во понеделник кон крајот на денот, најпрвин во западните делови, а во вторник и среда насекаде ќе има врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни.


 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											