Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 17:30 часот сообраќајот на граничниот премин Евзони (Богородица) е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Македонија
Во наредните десет дена изменет сообраќаен режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта
СВР Охрид информира дека од денеска во наредните десет дена, на сила ќе бидат измените на сообраќајниот режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта, општина Дебрца.
„На овој патен потег, сообраќајот ќе се одвива наизменично по левата сообраќајна лента гледано во правец од Охрид кон Кичево поради што, апелираме до возачите, крајно внимателно и со прилагодена брзина да ги управуваат своите патнички и други моторни возила и во согласност со поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација“, соопштуваат од СВР Охрид.
Македонија
СДСМ: „Тефтерчињата“ во судството од времето на Никола Груевски се вратија
„Го сменија јавниот обвинител за да постават обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник од ДПМНЕ назначија за член на Судскиот совет, поставија партиски човек во Советот за јавни обвинители. ‘Тефтерчињата’ во судството од времето на Никола Груевски се вратија“, велат од СДСМ.
„Сите знаат, следува целосно погребување на правдата. Со неуставна Резолуција во Собранието ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата, слободата на говор и се обидува да ја замолчи опозицијата да не зборува за договорот мигранти за пари.
Дури и Катица Јанева ја пуштија од затвор. Три години порано ја пуштија надвор од затвор за 3 месеци да тера кампања. Copy-paste сценарија како методите на Никола Груевски и Вучиќ. Режим 2.0.
Затоа е потребен широк фронт за правда на сите слободоумни граѓани, опозициски партии, прогресивни сили, здруженија. Заедно ќе ја одбраниме демократијата, заедно ќе ја одбраниме Македонија!“, се наведува во соопштението на СДСМ.

