Македонија
Си плаќаме приватно за да се лекуваме оти не сме здравствено осигурени, велат приватните специјализанти, кои излегоа на штрајк
Над 400 приватни специјализанти утрово излегоа на генерален штрајк барајќи покачување на платите и здравствено осигурање.
Тие истакнаа дека надоместокот што во моментот го добиваат изнесува 26.000 денари, а бараат да биде на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа. Едно од нивните барања е и решавање на статусот на невработени лица без пензинско и издравствено осигурување.
Велат дека Министерството за здравство нема слух за нивните проблеми, а по протестот на 27 март, имале средба со министерот Илир Демири, на која им било ветено дека барањата ќе бидат изнесени на следната седница на Владата, но од тогаш одржани се две седници, а на нидна од нив не станало збор за ова шрашање.
Христина Илиоска-Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина трета година, изјави дека штрајкот ќе продолжи сè додека не добијат писмени гаранции дека нивните барања ќе бидат исполнети, а тоа значи дека дотогаш нема да ги извршуваат своите работни обврски, да се појавуваат на дежурства и да држат амбуланти.
Како што беше посочено, специјализантите се принудени да се лекуваат приватно, а во текот на породилното отсуство им се укинува надоместокот од 26.000 денари.
„Лично ми се случи да си ја платам инфузијата од 1.000 денари на Инфективната клиника приватно затоа што не сум здравствено осигурена. Нашиот статус никако не е решен, без разлика на нашето издвоено време и колку жртви имаме направено“, изјави Тамара Пејоска, специјализант на пластична хирургија.
На државните клиники работат речиси 400 приватни специјализанти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновска: Се додека Филипче и Заев владеат во СДС, партијата нема никаква реална шанса да се реформира
СДС нема иднина се додека Филипче е на чело на партијата. Филипче, како продолжена рака на Зоран Заев, продолжува да ја третира партијата како приватен проект, изјави Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Изборниот резултат беше само статистичка потврда за ова. На своето конто, СДС брои само 6 општини, 126.000 гласови и околу 230 советници, историски изборен дебакл на СДС, кој за Филипче е успешен резултат за кој му честитаме. Се додека Филипче и Заев владеат во СДС и тоа не се искорени целосно, партијата нема никаква реална шанса да оди напред, ниту пак има шанса да се реформира. По ова се гледа дека обидот на Филипче за реформирање, кој толку долго и широко го најавуваше, не само што е пропаднат, туку не е ни започнат“, рече таа.
Според Андоновска, Филипче треба да си даде оставка од претседател на СДС, затоа што, додава таа, како тој што нагласува некогаш државотворната СДС, целосно ќе ја снема од политичката мапа во земјата, поради неговите политики.
„На македонската политичка сцена и е потребна конструктивна опозиција, ослободена од стегите на Заев и Филипче“, рече Андоновска.
Македонија
Мицкоски за ѓубрето во Скопје: Многу е важен првиот впечаток, за кратко време ги мобилизиравме сите капацитети и започнавме со чистење на градот
„Ние се доведовме до ситуација во 21 век да зборуваме за елементарни работи и навистина сето тоа делува помалку и комично, но кога некои работи треба да се направат, мора да се направат и како што кажа градоначалникот за време на изборната кампања тој вчера во исклучително рекордно време успеа да ги мобилизира сите капацитети. Но, исто така им благодарам и на општествено одговорни компании кои се вклучија во акцијата и мислам дека вчера беше сето тоа убаво и една ваква робусна акција денеска ако ништо друго можевме да видиме дека контејнерите се барем празни и чисти“, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски рече дека нечистењето на ѓубрето е политичка стратегија на опозицијата, но дека новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски уште првиот ден ги засукал ракавите и започнал со работа.
„Навистина делува смешно, јас ве разбирам и јас понекогаш можеби би се насмеал за сето ова кое што го зборуваме. Но, за жал се доведовме до една ваква ситуација и оваа беше политичка стратегија на опозицијата, преку неработењето на претходната градоначалничка нанесе штета, пред се на Владата и на државата. И морам да признам дека во одредена мера успеа со сето тоа. Но, ние таа лекција ја научивме и затоа уште во првиот ден ги засукавме ракавите и започнуваме од темелите или од под темелите. Така беше во владата кога дојдовме со долгови, така и во градот. Така што мора да гребеме од под темелите, за да дојдеме до површината и потоа да градиме нагоре. И мислам дека тоа го прави квалитетно уште од самиот почеток новиот градоначалник. Јас сакам само да кажам дека немате во животот втора шанса за прв впечаток. Така што многу е важен првиот впечаток и мислам дека тука новиот градоначалник тоа ќе го оправда“, изјави премиерот Мицкоски.
Македонија
Ристо Пенов ја отвори конститутивната седница на Советот на Град Скопје
Како највозрасен меѓу советниците во Советот на Град Скопје, поранешниот градоначалник на главниот град и член на Либерално-демократската партија, Ристо Пенов, ја имаше честа да претседава со првата седница на новиот состав.
Со искуство, стабилност и визија, Пенов повторно ја потврди заложбата на ЛДП – Скопје да стане модерен, зелен и функционален град за сите, велат од партијата.
„Нашите приоритети за следниот мандат се активностите за почисто и позелено Скопје, воспоставување паметен и одржлив сообраќај, модерен урбан развој на градот и зголемено ниво на транспарентност и соработка меѓу Градот и општините“, изјави Ристо Пенов.
Ристо Пенов влезе во Советот како носител на советничката листа за Град Скопје на коалицијата „Искуство за успех“. Меѓу другите програмски заложби на Пенов се и загарантираниот буџет за велосипедски патеки и инфраструктура, субвенциите за велосипеди за граѓаните кои со нив одат на работа и повторното заживување на Градскиот трговски центар, посочуваат од ЛДП.

