Македонија
Скопјани бараат од Цементарница Усје да работи според еколошките стандарди
Еколошките активисти од иницијативата „Стоп за Усје“ и граѓани денеска протестираа поради загадувањето на воздухот и бараа од Цементарница „Усје “ да работи според еколошките стандарди зашто, порачаа тие – скопјани имаат право на здравје и живот.
Протестниот марш почна од Владата преку Собранието и заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) од кое побараа да одлучува според најдобрите еврпски стандарди кога на 12 март цементарницата ќе аплицира за обнова на А-интегрираната дозвола.
На протестот говореа граѓани кои живеат во близина на цементарницата, од населбите Лисиче и Кисела Вода, и побараа компетентност од надлежното Министерство кога ги одобрува дозволите на индустриските капацитети.
Драган Кавраков, дипломиран технолог кој живее во близина на цементарницата рече дека е директно засегнат, кажа дека според А-интегрираната дозвола што сега ја има „Усје“, може да произведува 1.750.000 тони цемент годишно и дека количеството гориво што ѝ е потребно за согорување е приближно двапати поголемо од количеството што сите возила во Скопје го трошат за една година.
-Во таа интегрирана дозвола нема напишано ниту еден ред за контрола на горивата што влегуваат во таа фабрика и се согоруваат. Дозволено им е да емитуваат 7.800 килограми сулфур диоксид на ден во атмосферата. Оваа количина на сулфур диоксид е хемиски еквивалент на речиси десет тони сулфуреста киселина дневно. Не знам кој им дозволил и се прашувам дали се компетентни да знаат што прават, но ним им е дозволено да согоруваат 35 илјади тони алтернативно гориво во кое е вклучена пластика, сечкани гуми и текстил. Дозволено им е да согоруваат петрококс од 160 илјади тони, 258 илјади тони лигнит, кој е најнеквалитетниот јаглен, 534 тони јаглен. И за ниту едно гориво нема дефиниран квалитет за влез во фабриката, рече Кавраков и повикувајќи го МЖСПП одговорно да пристапи кога донесува одлуки за дозволи.
Учесниците во протестот бараа од „Усје“ да биде општествено одговорна компанија и да дозволи 24-часовно јавно и независно мерење директно од оџаците на цементарницата зашто во спротивно, порачаа тие, се зголемува сомнежот кај граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

