Македонија
Следни рестрикции се зголемување на полицискиот час и скратување на работата на кафеаните, ќе се одлучува в понеделник
Следните рестриктивни мерки за кои размислува Комисијата за заштита од заразни болести, доколку дневните бројки на новозаболени растат, се продолжување на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти. Дали се неопходни, ќе се одлучува в понеделник. Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека денес има помал број новозаболени во однос на вчера и очекува тој тренд на намалување да продолжи.
„Во смисла на дополнителни рестрикции, следните чекори би биле зголемување на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти. Тоа би било дополнително на овој лимит сега. Очекуваме бројот на новозаболени да се намали како резултат на веќе воведениот полициски час. Денес, имаме бројка на новозаболени под 1.000, значи помалку во однос на вчера и очекуваме така да продолжи. Овие мерки го даваат резултатот во првите десет-четиринаесет дена, ќе ги анализираме податоците. Спремни сме да препорачаме и дополнителни мерки, но сметаме дека не се потребни. Одлука ќе носиме в понеделник“, рече министерот Филипче.
Воведувањето дополнителни рестрикции министерот Филипче рече дека зависи главно од динамиката на примање нови пациенти и слободните болнички кревети во ковид-центрите. Во рамките на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се обезбедени вкупно 100 дополнителни болнички кревети во однос на оние што биле на располагање во есенскиот бран со пренамена на постојните оддели. За ставање во функција на 100-те кревети во поранешниот хотел „Ибис стајлс“, што приватните клиники му ги отстапија на јавното здравство, сѐ уште нема одлука. Министерот Филипче вели дека приоритет имаат одделите што се во рамките на сегашните болници.
„Ги пренаменуваме веќе постојните оддели во клиниките оти тука е експертизата и се организираме по принципот на ротација“, објасни министерот Филипче.
Тој не ја исклучи можноста и ковид-центарот во поранешниот хотел „Ибис“ во Тафталиџе да се стави во функција, доколку се исполнат сите капацитети
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

