Македонија
Случај „Актор“: Две од фирмите подизведувачи на автопатот Демир Капија-Смоквица биле основани кога почнала изградбата
Moлк од фирмите подизведувачи што вчера специјалното јавно обвинителство ги осомничи за перење пари за изградбата на автопатската делница Демир Капија-Смоквица. „Макфакс“ од фирмата „Глобал констракшн компани“ ДООЕЛ од Скопје побара одговори на прашањата дали направиле интерна ревизија и дали утврдиле финансиски неправилности при спорната градба на автопатот. Наместо одговор, добивме повратен имејл со линк до порталот „Репбулика“, каде што е објавен напис дека според Европската канцеларија против измами – ОЛАФ, нема незаконски активности во изградбата на автопатот.
Почетокот на градежните активности беше на 8 септември 2012 година кога беше поставен камен-темелникот, во присуство на тогашниот премиер Никола Груевски и вицепремиерот Зоран Ставрески. Фирмата „Глобал констракшн компани“ ДООЕЛ, која е една од фирмите подизведувачи, според увидот што „Макфакс“ го направи во Централниот регистар, е основана на 23 декември 2012 година или неполни три месеца по почнувањето на активностите за изградба на автопатот. Сопственик на фирмата е Гркот Христос Ангеликас со адреса во Атина. Управител на фирмата е исто така Грк, Михаил Зикос, од Атина. Втората фирма подизведувач, што СЈО ја сомничи за перење пари, „Топометрија“ ДООЕЛ од Скопје, е регистрирана со адреса на улица Христо Смирненски. Основана е на 5 декември 2012 година со основачки влог од 5.000 евра. Сопственик и управител на фирмата е Гркот Георгиос Папастамос од Атина. Тој досега не одоговори на пораката што му испрати „Макфакс“.
Според СЈО, во периодот од 2012 до 2016 година со повеќе дејства, со искористување ист траен однос, непосредно по добивањето на тендерот и започнувањето со градежните активности во Македонија, што ги презема „Актор АДТ подружница Скопје“, формирана од осомниченото правно лице „Актор СА“, Република Грција, со намера да ја скрие целокупната добивка на осомниченото правно лице, која има третман на принос од казниво дело бидејќи паричните средства потекнуваат од незаконито добиениот тендер со кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето, шестоосомничениот како одговорно лице на подружницата формирал група што се занимава со перење пари и пуштање во промет пари што се прибавени со казниво дело.

Шестоосомничениот како управител на подружницата на „Актор АДТ“ – Скопје договорил трајна деловна соработка во вид на договор за вршење подизведувачки работи со другите осомничени одговорни лица како преставници на осомничените правни лица „Глобал констракшн компани“, „Топометрија“ ДООЕЛ Скопје и „Инвикта Боро“ ДООЕЛ Скопје, со единствена цел пренос на парични средства од „Актор АДТ подружница Скопје“ кон правните лица „Глобал констракшн“ ДООЕЛ Скопје, „Топометрија“ ДООЕЛ Скопје и „Инвикта Боро“ ДООЕЛ Скопје. Во повеќе наврати биле исплатени износи од сметките на „Актор АДТ подружница Скопје“ кон сметките на правните лица „Глобал констракшн компани“, „Топометрија“ и „Инвикта“ во вкупен износ од 31.856.811 евра.

Исплата на кеш на грчки државјани
СДСМ во 2014 година објави дека преку филијалата на Стопанска банка АД Скопје во Неготино се одвивала исплатата на милионски суми во кеш на стотина грчки државјани, во случајот „Актор“. Ова во 2014 година го објави на прес-конференција тогашниот портпарол Петре Шилегов. „Доаѓаат со автобус во банката во Неготино, ги подигаат парите во евра, ги предваат во просториите на банката на едно лице и заминуваат со автобус за Грција“, рече тогаш Шилегов.
Тој го објави списокот на имиња со трансакциски сметки на грчките државјни што ги подигале парите. За нецела година во земјата со оваа цел влегле 96 лица, граѓани на Р. Грција. Деветмина од нив се со исто презиме, но со различно име. Некои се појавиле по два, три или четири пати во РМ. На овие лица преку банката кешот им се исплаќа по основа на договор за дело од грчката фирма „Актор“, која е изведувач на автопатот. При секоја исплата, како што објави тогаш Шилегов, е присутна Атина Зога, сметководителка на „Актор“, на која ѝ била давана готовината. Сумите биле од 20.000 до 90 илјади евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

